Продолжува расправата за уставните измени

Сподели

Во Собранието на Република Македонија и денеска ќе продолжи седницата на која пратениците расправаат за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција. Денешната собраниска седница е закажана во 12 часот.

Неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница побараа средба помеѓу нивниот лидер Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев за изнаоѓање решение за Договорот од Преспа и за излез од кризата.

Заев рече дека е подготвен да седне и да разговара со Мицкоски за власта и опозицијата заеднички да ги изготват амандманите.

– Не смееме да си дозволиме сами да објавиме амандмани. Ние сме само изработувачи на нацрт-амандмани и заедно ќе ги работиме ако треба и овде во Парламентот ќе доаѓаме од Владата за да го потврдиме идентитетот, македонскиот јазик – дали во постојните амандмани или ќе изработиме и петти амандман. Грција нема ништо против нашиот идентитет и нашиот јазик. Спремен сум да разговарам со грчката страна затоа што тоа не е спорно. Проблемот е во разграничувањето преку Северна, потенцира Заев.