По едночасовната пауза на продолжението на седницата на барање од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на собранието, Талат Џафери соопшти дека го поништува претходно објавениот список за говорници и побара ново пријавување за збор.
Почна општиот претрес по предлог законот за употреба на јазиците, во прво читање. Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски апелира до сите во собранието, како што рече, да не преземаат какви било потези кои би можеле да бидат насочени кон каква било провокација, со оглед на сензитивноста на темата, и уште еднаш напомена дека предлог законот во 90 проценти е неуставен и излегува надвор од Охридскиот рамковен договор. Во реплика на Димовски, Бранко Манојловски од ДУИ истакна дека проблемот со јазикот мора да се реши заради тоа што, како што наведе, тоа е еден голем ураган кој кога тогаш ќе продре.
На дневен ред на пленарната седница се и интерпелациите на министрите за финансии, за култура и за животна средина и просторно планирање, поднесени од опозицијата.