Вработените на пристаништата во Пиреја и во Солун продолжуваат со штрајковите, блокирајќи ја целосно работата, истоварот и товарењето стоки и производи, но и протекот на патници. Штрајкот ќе продолжи и викендов, со што дополнително се отежнува истоварањето на околу 14 товарни бродови со контејнери и на товарни камиони, од кои голем број се за Македонија и кои чекаат во Солун.
Вработените штрајкуваат веќе една недела поради одлуката на владата, по договорот со европските кредитори, да се приватизираат двете најголеми грчки пристаништа. Тие бараат владата да ја повлече одлуката и да понуди подобри услови за вработените.
Континуираните штрајкови им задаваат нов удар на грчката трговија и на извозот, но повлекуваат и нова загуба на странски клиенти чија трговија оди преку Грција.
По тримесечната блокада на железничката линија Солун – Скопје кај бегалскиот камп Идомени, поради која беа стопирани сите товарни возови од и кон Европа, штрајкот на вработените на пристаништата повторно го оневозможува транспортот на стоки и на производи кон ЕУ. Товарните контејнери веќе почнуваат да ја заобиколуваат Грција и солунското пристаниште, одбирајќи ги пристаништата во Бугарија и во Турција.
Штрајкот се очекува да создаде голем проблем утре на пристаништетот Пиреја, каде се очекува да пристигнат седум бродови за крстосување со околу 13.000 патници, на кои нема да може да им се пружи никаква пристанишна услуга.
Претседателот на фондот за приватизација, Стерјос Пициролас, истакна дека штрајкот целосно ја намалува вредноста и кредибилитетот на солунското пристаниште, предупредувајќи дека последиците од штрајкот ќе бидат катастрофални и за пристаништето и за грчкиот транспортен сектор.
Претседателот на атинската трговска комора, Константинос Михалос, испрати писмо до министрите за поморство, економија, развој и туризам и до министерството за транспорт со апел веднаш да се интервенира за да се стави крај штрајкот и на проблемите на грчките трговци, извозници и увозници.
„Штрајковите што доведуваат до затворање на пристаништата во Пиреја и во Солун, по претходната блокада на железничката линија меѓу Грција и Македонија од бегалците, претставуваат уште една сериозна рана за грчките трговци и за одржливоста на нивните компании. Штрајковите кои се одвиваат паралелно со почетокот на летната туристичка сезона, во време кога има зголемен промет на бродови за крстосување, ќе ја одалечат секоја надеж за економско закрепнување“, пишува Михалос во писмото до министрите.
Против приватизацијата штрајкуваат и вработените во атинскиот јавен транспорт со повремени прекини на работата, а штрајкуваат и вработените во грчката железница кои најавија 24-часовен прекин на работата на 15 и на 22 јуни.