Проф. д-р Гривчева Старделова: Подигнување на свеста за потхранетоста предизвикана од болести

Сподели

 

Претседателката на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова беше панелист во панел дискусија на тема  „Исхраната и нејзиното влијание врз оралното и целокупното здравје“ организирана од сопругата на Претседателот на РСМ, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска и проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите”. Целта на дискусијата беше да се увиди и истакне значењето на исхраната и нејзиното влијание врз целокупното здравје на популацијата, долгорочните ефекти и оштетувањата кои може да настанат како резултат на неправилната исхрана. Во панелот како говорници беа вклучени и Амбасадор Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на и ЕУ проф. д-р Игор Спироски од Институтот за јавно здравје.

Проф. д-р Гривчева Старделова во своето излагање се осврна на правото на нутритивна поддршка какo основно човеково право. Таа појасни дека голем број на пациенти кои страдаат од акутни и хронични заболувања се соочуваат и со потхранетост или малнутриција, што го зголемува ризикот од смрт кај овие пациенти, го отежнува процесот на лекување и негативно влијае на квалитетот на животот.

 „За надминување на оваа состојба веќе е организирана глобална акција предводена од Европското здружение за клиничка исхрана и метаболизам насочена кон подигнување на јавната свест за овој проблем и поттикнување на креаторите на политиките да создадат услови за надминување на состојбите. Нашата земја е дел од овој процес преку Македонското здружение за ентерална и парентерална исхрана, кое е потписник на меѓународна Декларација за признавање на правото на нутритивна поддршка, како посебно човеково право. Декларацијата која е проследена и со кампања има широка меѓународна поддршка и е поставена на пет принципи. Прво,  здравствената политика мора да го постави исполнувањето на правото на нутритивна грижа како основна оска во борбата против потхранетоста поврзана со болести. Второ, едукацијата и истражувањето за клиничката исхрана е основна оска на почитувањето и исполнувањето на правото на нутритивна грижа. Третиот принцип вели дека етичките принципи и вредности во клиничката исхрана, вклучувајќи ја правдата и правичноста во пристапот до нутриционистичката нега, се најдобри за правото на нутритивна нега. Четврто, нутриционалната грижа бара институционална култура која ги следи етичките принципи и вредности и бара интердисциплинарен пристап. Последниот принцип се однесува на зајакнувањето на пациентите како клучен  фактор за преземање на неопходни активности за оптимизирање на нутритивната грижа“, појасни проф. д-р Гривчева Старделова.

Таа истакна и дека лекарите мора да бидат едуцирани за препознавање на потхранети пациенти, а дискусијата за плановите за исхраната треба да биде задолжителна компонента на дневните состаноци на медицински професионалци.

Потхранетоста мора соодветно да се вклучи како дел од дијагнозата на пациентот и на интервенциите во исхраната мора да се гледа како на една од основните компонента на медицинскиот третман на пациентот. Плановите за нутриционистички третман треба да се реализираат со иста конзистентност и строгост како и другите терапии.