Професорскиот пленум (ПП) на Генерален пленум ја започна интерната расправа за нацрт текстот на новиот Закон за високо образование, изготвен од нивната експертска група.
Основа за изработка на текстот е концептот за Закон за високото образование, претходно усвоен од трипартитната комисија формирана од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а составена од претставници на Ректоратот на Универзитетот, на Студентскиот пленум и на Професорскиот пленум.
„При изработката на текстот групата се водеше од уставно загарантираната автономијата на високото образование (Универзитетот), околу што главно се судираа ставовите меѓу академската заедница и претходната влада. Неопходно беше таа автономија во законот да се одрази преку рамка која ќе поддржи висок степен на само-регулација, заснована на принципите на одговорност и отчетност во вршењето на оваа дејност од јавен интерес“, се наведува во соопштението на Професорски пленум.
Принципот на автономија, посочуваат, се гледа уште во воведните членови на концептот на новиот Закон, финансирањето, изборите и напредувањето на академскиот кадар, организацијата и управувањето на високообразовните установи, како и во обезбедувањето квалитет во високото образование.
Новиот закон, посочуваат, мора да трпи промени во следните шест области:
1. Предложените одредби за финансирање се засновани на нов начин преку создавањето и надлежностите на Советот за финансирање и развој на високото образование. Финансирањето на дејноста ќе се остварува првенствено преку надоместување на цената на чинење на студиско место, согласно утврдена методологија којашто ги отсликува спецификите на различните студиски програми. Со овие решенија, меѓу другото, се овозможува одржливо финансирање и развој на јавното високо образование.
2. Деловите на законот за избор и напредување на академскиот кадар се значително променети, при што се предлага со закон да се уредат условите и начелно да се постават критериумите за избор во звања. Деталната разработка и стандардизација на критериумите за избор во звања треба да ја прават универзитетите преку нивните форми за соработка, земајќи ги предвид спецификите на научните и уметничките подрачја.
3. Деловите на законот кои се однесуваат на организација и на управување во високообразовните установи обезбедуваат вистински интегриран наспроти досегашниот централизиран универзитет. Ваквиот модел на функционална интеграција на универзитетот овозможува внатрешна автономија и демократизација во управувањето и одлучувањето, наспроти досегашната практика на централизација на моќта.
4. Прашањата за осигурување на квалитетот во високото образование се уредени на начин којшто поддржува висок квалитет на високообразовната дејност. Решенијата соодветствуваат на формите и моделите за осигурување на квалитет во европскиот образовен простор, преку предложеното формирање Агенција за квалитет во високото образование која треба да биде акредитирана во Европската агенција за осигурување на квалитет.
5. Деловите кои се однесуваат на статусот на студентите, нивните права и обврски и особено, начинот на нивно организирање и учество во управувањето се изработува во соработка со студентите како засегната страна.
6. Новиот закон не смее да предвидува кривична одговорност, а глобите за сторени прекршоци не смеат да бидат непропорционални со финансиската состојба во високото образование и да создаваат опресивен високообразовен простор во државата.
Професорскиот пленум најави дека продолжува со расправата по доставените предлози и забелешки од страна на своите членови. По нивното усвојување, ќе го презентира својот предлог за нов Закон за високо образование пред академската и пошироката јавност.