Вечерва со почеток од 20 часот во кафе-книжарницата Буква ќе се одржи промоција на романот КОЈ ГО УБИ ЕДГАР АЛАН ПО од Владо Јаневски. Романот е во издание на Или-Или како 228 книга во едицијата ПРОаЗА.
Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави Анета Тасова а извадоци ќе чита Емилија Тодорова.
„Кој го уби Едгар Алан По“ е роман лавиринт во кој се испреплетени минатото и сегашноста во мистериозна атмосфера како излезена од досега необјавен ракопис на Кафка. Се работи за приказна во која главниот јунак, писателот Феликс Рејнолдс, додека е во потрага по својот изгубен
брат, открива делови од неговиот трауматичен и необичен живот. На тој пат Феликс чувствува потреба да сподели дел од она што го измачува, наместо да продолжи да го закопува во себе, затоа бара помош од психијатарот Груми Блум,
кај кого честопати навраќа и, легнат на неговиот кауч, низ бројни сесии се отвора себеси. Психијатарот работи во замок кој доминира над градот каде што живее Феликс и се чини дека со замокот и со нивната земја владеат мистериозни луѓе во црно, познати како кафкависти.
(Анета Тасова за романот)
„Во романот ‘Кој го уби Едгар Алан По‘ постои жесток испреплетен судир помеѓу имагинацијата, интелигенцијата, реалноста, филозофијата, природното и она што можеби личи на природно, како и она што луѓето го нарекуваат лудило, но всушност е само постојано бегање од животот и борба со смртта.“
(за авторот)
Владо Јаневски е роден е во Прострање, Македонија. Високо образование стекнал на УКИМ во Скопје. Член е на ДПМ. Живее во Сиднеј. Автор е на романите за возрасни: „Смртта не е крај“, „Мртвите знаат најдобро“ (награда Пегаз за најдобар роман во 2020 г.), „Чудо зад аголот“, „Под друга капа“, „Made in Jabana“; поетската збирка: „На грбот на неповратот“; збирката наградувани раскази: „Нема враќање“. Книгите за деца: „Палавковците Влатко и Емче“, „Луѓето и змејовите“ (наградена бајка). Автор е и на редовниот стрип „Палавковците Влатко и Емче“ во „Колибри“, во весникот „Нова Македонија“. Се занимава и со сликарство, учествувал на ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот.