Промоцијата на романот „Деца“ од Милена Марковиќ, добитник на 68. Нинова награда за роман на годината во Србија, ќе се одржи в среда, 4 септември, со почеток од 20:00 часот во бифето на Младинскиот културен центар ‒ Скопје.
Книгата преку разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.
Преводот од српски на македонски е на Сашо Огненовски, а изданието беше поддржано од Министерството за култура на Република Србија.
„Не можам да замислам читател кој по ова дело би можел да излезе непроменет – читањето на оваа книга за секој читател ќе биде егзистенцијално искуство, луѓето ќе паметат кога и каде ја читале оваа книга“ ‒ Теофил Панчиќ.
„’Деца‘ е поема за осуетеното, вечно недовршено растење, моќна, во нашите јазици неспоредлива, најголема книга за женскоста, за мајчинството, ќеркинството и синовството… опасен роман за историјата, за онаа за нас најважна и трауматична, која потекнува од Втората светска војна, продолжува низ осумдесеттите, па деценијата на нашето растење, и нѐ прегазува во текот на деведесеттите“ ‒ Миљенко Јерговиќ.