Промовиран реобјавениот роман „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев

Сподели

 

Преку онлајн-разговор со Злата Порчиќ, професорка по компаративна книжевност и македонски јазик во средното училиште „Ѓорѓи Димитров“, вчеравечер (6 јули) на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“ беше промовирано новото издание на класичниот роман „Пустина“ од писателот Ѓорѓи Абаџиев. Делото, кое првично било публикувано во 1961 година, неодамна беше реобјавено, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“. Своевидна ексклузивност е корицата, што ја изработи уметницата Искра Димитрова, внука на Ѓорѓи Абаџиев.

На онлајн-промоцијата, која ја водеше Ведран Диздаревиќ, уредник во „Арс Ламина“, професорката Порчиќ зборуваше за значењето на Абаџиев и на неговиот историско-психолошкиот роман „Пустина“ во македонската литература, за спецификите на делото, за приказната и за тоа како учениците во средните училишта го обработуваат и го доживуваат ова класично дело.

Ѓорѓи Абаџиев (07.10.1910, Дојран – 02.08.1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја.

– Кога би се претставувале животот и делото на Абаџиев, може да се почне од датумот на неговата смрт – 2.8.1963. Ако се земе предвид дека целото негово творештво се однесува на периодот пред и по Илинденското востание (втори август), датумот на неговата смрт на некој начин судбински се поврзува со неговата творечка преокупација. Абаџиев е дел од првата повоена генерација на писатели, или современи македонски автори, кои играат значајна улога во развојот на македонската литература. Оваа генерација се создава од 1945 година, па сè до педесеттите години, кога се појавува првата проза, односно првите романи. Абаџиев ги пишува своите први раскази и романот „Арамиско гнездо“ по примерот на нарацијата на народниот раскажувач. Но, во 1961 година го објавува „Пустина“, кој е модерен роман. Со тоа прави скок во своето творештво – од народното раскажување – кон модерниот роман, како што впрочем прават и другите претставници на првата генерација современи македонски писатели и стануваат поттик за следните генерации автори. Со романот „Пустина“ го достигнува врвот во тогашната европска, па и светска литература. Неслучајно ова е една од најзначајните книги во нашето творештво и неслучајно е една од лектирите во четврта година средно училиште. Затоа се изучуваат овие класици, преку нив да се види историскиот развој – истакна Злата Порчиќ.

Дејството на романот се случува за време на историската 1903 година и ни е раскажано преку заробеништвото на двајцата солунски атентатори Арсо и Глигор, веднаш по еден од нивните страшни бомбашки напади. Движејќи се напред-назад низ времето и мислите на карактерите (главно на Арсо), Абаџиев ни го прикажува внатрешниот живот на двајца исклучителни индивидуалци, загубени во коридорите на историјата, должноста и љубовта.

– „Пустина“ важи за првиот психолошки роман, а Абаџиев се смета за родоначалник на овој жанр во македонската литература. Ова дело, според темата е општествено- политички роман, исто така и идеолошки (зборува за идеологијата на гемиџиите), историски – бидејќи се темели на историски настан, но има и љубовни и психолошки елементи. Тој е модерен психолошки роман, со сите карактеристики за вакво прозно дело. Користен е сликовит јазик и по првпат се употребени стилските особености на македонскиот стандарден јазик. Има модерна мозаична форма, составен е од осум дела. Раскажувањето не е хронолошко и линеарно – објасни Порчиќ.

На промоцијата беше истакнато дека важен елемент во новото „пречитување“ на класичното дело се мултимедијалната илустрации и корицата – изработена од уметницата и дизајнерка, Искра Димитрова. Таа е внука на Ѓорѓи Абаџиев, а ќерка на Соња Абаџиева, исто така, еминентен и докажан ликовен критичар.

Димитрова е веќе познат уметник и таа храбро се фати во костец со романот „Пустина“, кој, како што знае секој читател, е интроспективно дело, што се занимава со внатрешниот живот на ликовите и, следствено на тоа, е тешко дело за визуализирање. При такви случаи, секој детаљ е важен и изборот на симболи и отсечки на стварноста не смее да биде случаен и неоснован.

Бродот, според зборовите на уметницата, е извлечен и доработен на основата на стара фотографија од истиот француски брод под името „Викторија“, кој се појавува во романот. Во однос на внатрешната илустрација, пак, станува збор за оригинално и индивидуално читање на романот на самата уметница. Тоа се однесува на делот на романот во кој авторот раскажува за судењето и очите што ги следеле младите атентатори, а очите од илустрацијата се очите од членовите на семејството на авторот, фотографирани и потоа визуелно обработени од Димитрова. Тие претставуваат уште еден обид на авторката да ја визуализира специфичната тегобност на погледот на другиот, што Абаџиев толку вешто ја опишува.

Романот „Пустина“ веќе е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, покрај „Пустина“, „Арс Ламина“ реиздаде уште едно познато дело на Ѓорѓи Абаџиев, „Арамиско гнездо“. Романот ќе биде промовиран со онлајн-промоција на 13 јули (вторник), со почеток во 19 часот. На промотивниот настан, кој ќе го води Ведран Диздаревиќ, кон делото ќе се осврне Марија Георгиева Димова, професорка по компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Онлајн-разговорот ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.