Промовирани 5 проекти за намалување на загадувањето на воздухот

Сподели

Фондот за иновации и технолошки развој промовираше пет иновативни проекти, со цел намалување на загадувањето на воздухот. Се работи за методи, кои се во рамките на О2 Предизвик – јавен повик за поддршка на проекти кои ќе помогнат во намалување на аерозагаденоста.

-За овој повик ние одвоивме буџетски средства од околу осум милиони денари и очекуваме дека многу скоро во следните месеци по финалната доработка на дел од петте решенија ќе бидат пуштени во пилот употреба, но и во масовна употреба. Сепак, иновациите не се конечно решение за загаувањето – рече директорот на Фондот за иновации и развој Јован Деспотовски на промоцијата во Штуловиот универзитет.

Меѓу иновациите е и електричниот велосипед, кој содржи филтри за прочистување на воздухот, а тие се поставени на тркалата. Прототипот го изработиле тимот „Гет влосипед“ од компанијата „Минито“ во соработка со студенти од машинскиот факултет.

-Транспортот е еден од најголемите загадувачи на воздухот и затоа нашиот електричен велосипед со вградени проактивни филтри може да придонесе во намалување на загадувањето. Важно е и да се знае дека единствен начин за решавање на проблемот е одржлив развој, односно промена на навиките и не само како индивидуи туку како општество – истакна Филип Поповски од тимот „Гет велосипед.

Претставени беа и материјали за филтри, соларни ќелии за затоплување, систем за излолација и инфо портал на клиенти и инвеститори за замена на нееколошко со еколошко затоплување, како останати решенија. Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, порача дека приоритет на министерството секогаш се активностите за подобрување на состојбата со загадувањето.

-На вчерашната седница на Владата официјално помина и Програмата за намалување на загдувањето на воздухот. Во рамките на оваа програма и консултативниот процес беше прифатен и предлогот на граѓанската организација „Еко герила“ од Тетово за поставување на филтри во повеќето објекти и компании во Полошко што работат со дрво и столарија. Очекувам дека ќе направиме еден спој помеѓу програмата на владата и решенијата од О2 предизвикот за намалување на загадувањето – изјави Макрадули.

И градоначалничката на Тетово Теута Арифи, ги подржа презентираните иновации. Арифи потенцираше дека општината се залага за гасификација, а и дека Тетово е меѓу првите општини, кои пред три години донеле посебни мерки за справување со загадувањето.