Проштална средба на претседателот Џафери со грчкиот амбасадор Јанакакис

Сподели

 

На денешната проштална средба со амбасадорот на Република Грција во Република Северна Македонија, Н.Е. Димитрис Јанакакис, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери искажа задоволство од досегашната соработка со амбасадорот и изрази уверување дека и во понатамошниот период, соработката со новиот амбасадор на Република Грција ќе продолжи на највисоко ниво, како и досега. Претседателот Џафери ја потенцираше улогата и значењето на Преспанскиот договор како значаен историски момент кој ќе претставува силна основа за понатамошен развој на добрососедските односи меѓу двете земји и истакна дека нашите заложби за интеграција во ЕУ остануваат врвен приоритет за нашата земја. Во таа насока, истакна дека со силна посветеност и со прифаќање на новата методологија на Брисел, ќе го изодиме патот до ЕУ институциите. На планот на парламентарната соработка меѓу двете земји, претседателот изрази надеж дека во наредниот период ќе се интензивира оваа соработка и повторно упати покана до неговиот колега, претседателот на Парламентот на Република Грција да ја посети нашата земја.

 

 

Амбасадорот Димитрис Јанакакис, се заблагодари за можноста за средба со претседателот на Собранието и потполно се согласи со констатацијата дека овие изминати две години беа историски за двете земји. Тој истакна дека, иако Преспанскиот договор беше критикуван од двете страни, тој сепак претставува одлична правна основа за зајакнување и унапредување на взаемната соработка и доверба меѓу двете земји. Амбасадорот Јанакакис нагласи дека, соработката меѓу двете земји, и покрај пандемијата на КОВИД-19, се движи по нагорна линија, со бројни билатерални средби на високо ниво и во тој  контекст, за наредната година ја најави и посетата на претседателот Пендаровски на официјална Атина. Во однос на зајакнувањето на парламентарната соработка меѓу двете земји како позитивен момент,  амбасадорот го истакна формирањето Парламентарна група за соработка во Парламентот на Република Грција.за соработка со соодветната пратеничка група во Собранието на Република Северна Македонија.

На крајот и двајцата соговорници го изразија своето уверување дека со продолжување на взаемната соработка може да направат многу за своите земји.

denesmagazin.mk