Прва „Парада на гордоста“ овој викенд во Скопје

Сподели

 

Првата „Парада на гордоста“ ќе се одржи овој викенд во Скопје. Зборното место за учесниците е паркот „Жена борец“ во 11 часот, а маршот ќе започне точно на пладне.

На самиот настан учесниците ќе добијат алка од Скопје Прајд, со која секој ќе може слободно да се движи во и надвор од определениот простор. Крајната точка е Школка во Градски.

Учесниците на парада ќе бидат преводени од дрег кралиците Линда Социјалиста и Каја Мор. Покрај предвидените обраќања, ќе има и музичка програма во која ќе учествуваат Тамара Тодевска, Принцез Донатсу и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Ири Скреч, Ана Мало и Узун Баба.

„Во организацијата на Парадата на гордоста ја имаме поддршката од извршната и законодавната власт, имаме најава дека дел од министрите и пратениците ќе учествуваат на самиот настан, а свое обраќање ќе има министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Нашите пријатели и пријателки – активистите и активистките за ЛГБТИ права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора исто така ќе учествуваат, а дел од нив и ќе се обратат на насобраните присутни во Градски парк. Скопје Прајд е сигурен и безбеден настан за сите, па ги повикувам ЛГБТИ луѓето, поддржувачите, и сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еднаквост и инклузивност, да ни се придружат.“ – изјави Антонио Михајлов од организацискиот одбор.

Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки за да се гарантира јавниот ред и мир на Парадата на гордоста, што ќе се одржи на 29 јуни и каков било обид за насилство ќе биде најстрого санкциониран. Ќе имаме доволен број полицајци за да помине се во најдобар ред и мир, рече денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес-конференција на Организацискиот одбор на првата Парада на гордоста.