Годинашното издание на Саемот на книгата во Франкфурт, веројатно најзначајната манифестација од овој вид во светот, ќе биде одбележан со огромна новост: на големиот штанд „Gipsy Pavilion“ ќе се случи првото организирано претставување на писатели Роми.
Организатор е Меѓународната унија на писатели Роми (International Roma Writers Union – IRWA), која во халата 5, во текот на одржувањето на саемот, од 16 до 20 октомври годинава, ќе претстави книжевни дела создадени во различни краишта на светот. Ќе има и книжевни читања и други настани, а ќе бидат изложени и уметнички дела.
Во рамките на програмата изготвена од Меѓународниот сојуз на писатели Роми, на штандот на оваа организација ќе говорат и Џенифер Клемент, претседателка на ПЕН Интернешенел и Сирпа Кахконен, претседател на Унијата на писатели на Финска.
Главниот акцент на претставувањето ќе биде маргинализацијата и нејзиниот третман во уметноста.
На саемот, покрај делата на претседателот на Меѓународниот сојуз на писатели Роми, Веијо Балтзар од Финска, и други писатели, ќе биде претставено и творештвото на Ибраим Џемаил, кој живее во Македонија и Германија.