Пучдемон побара отворање на дијалог со официјален Мадрид

Сподели

Каталонскиот лидер Карлес Пучдемон побара отворање на дијалог со официјален Мадрид и суспензија на одлуката за прогласување на независноста на Каталонија на два месеца.

Ваквата реакција на Пучдемон следува откако Шпанскиот премиер Мариано Рахој побара од него јасно да каже дали минатата недела прогласи независност на Каталонија или не.

„Следните два месеца наша главна цел е да ве повикаме на дијалог и да им овозможиме на меѓународните, шпанските и каталонските преговарачи да го отворат патот за преговори. Нашата понуда за дијалог е искрена, и покрај тоа што се случи“, се наведува во писмото кое Пучдемон го испрати до шпанскиот премиер.
Сепак, според шпанскиот министер за правда, Рафаел Катала, ваквиот одговор на лидерот на Каталонија не е валиден бидејќи со него Пучдемон не успеал да ја објасни позицијата на Каталонија ниту пак какви мерки планира да преземе со цел да ги исполни барањата на Мадрид.

Според дел од шпанските медиуми кои успеале да дојдат до писмото, во него не се прецизира дали Каталонија формално прогласила независност од Шпанија, но пишувало дека каталонскиот парламент има „демократски мандат“ тоа да го стори по спорниот референдум одржан на 1 октомври.

Гласањето за отцепување од Шпанија беше проследено со серија инциденти, насилства и апсења на неколку локации.