Драги наши ретвитниоброкџии, помагачи, пријатели, јадачи, готвачи! По 101 пат ќе носиме зготвени и спакувани оброци во сабота на Мајка Тереза во 12:30 за нашите сограѓани што немаат. Овој петок нема да се собираме во Гласност или во МОФ, туку апелираме секој што има малкуцка време – да зготви нешто по дома, макар 2,3 оброци и да ги донесе во сабота, стои во повикот од иницијативата „Ретвитни оброк“ за новата акција во сабота (25 февруари).
Од иницијативата потенцираат дека и во оваа 101-ва акција останува истиот начин на координација – амбалажа за пакување има и може да се подигне во портирницата на Спомен-куќата на Мајка Тереза.
„Во сабота во 12ипол донесете ги спакуваните оброци и запознајте се со начинот на кој функционираме – партизански, панкерски, вонсериски, солидарно“, велат од иницијативата.
Дополнуваат дека секој е добредојден да учествува, да помогне и да се инспирира и тој да зготви, ретвитне, сподели храна со оние кои немаат, придонесувајќи за нивното здравје и остварување на основното човеково право.
За каква било дополнителна информација, секој може да пише на групата #ретвитниоброк.