Ромките се борат со невработеност и немање пристап до гинеколог

Сподели

Иницијативата на жени од Шуто Оризари го одбележува Меѓународниот ден на Ромите алармирајќи за пречките со кои и денес се соочуваат Ромките во нашата држава.

„Пречките не можеме да ги доброиме, но низ годините јасно станува дека најголеми меѓу нив се невработеноста и немањето пристап до услуги за репродуктивно здравје. Незаконската наплата и неефикасните мерки од Програмата за активна заштита на мајки и деца, значително им го обременуваат секојдневниот живот особено на Ромките и потврдуваат дека во државата и натаму не им се гарантира правото на здравје на жените во репродуктивен период“, велат од иницијативата.

Истражувањето што го спровеле на територијата на Шуто Оризари, покажало дека сите 100 опфатени испитанички се невработени и дека дури 82 проценти од оние во репродуктивен период платиле за ехо-преглед кај својот матичен гинеколог, иако оваа услуга им следува бесплатно.

„Истражувањето покажува дека 40% од жените без здравствено осигурување платиле за лабораториски анализи во текот на бременоста и за породувањето, иако овие услуги им следуваат бесплатно, само 16% го искористиле правото на бесплатна фолна киселина, само 11% од бремените жени биле посетени од патронажни сестри во текот на бременоста, дури 12% од бремените жени се малолетни“, се вели во соопштението.

Жените бараат од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување конечно да го решат долгогодишниот проблем со незаконската наплата на бесплатни здравствени услуги кај матичните гинеколози и да го подобрат спроведувањето на мерките од превентивните програми наменети за жените во репродуктивен период.

„Апелираме до државата и до Министерството за труд и социјална политика да им дадат приоритет на сите социјално ранливи категории на граѓани при „кроењето“ на мерките за вработување, а особено на Ромите кои ѝ припаѓаат на најмаргинализираната група на граѓани во државава. Инаку, зошто би им го честитале Меѓународниот ден на Ромите?“, се додава во соопштението.