РСБСП: Празниците се време за радости и веселби. Не возете под дејство на алкохол

Сподели

 

Последните денови од 2019 година постепено изминуваат. Новогодишната атмосфера постепено се издигнува на највисоко ниво, а предновогодишните  прослави секојдневно се побројни и побројни.

Музика, веселба и малку алкохол за кревање на расположението е редовен декор и редовна содржина на менито на сите предновогодишни прослави.

Во овие денови на веселби и прослави, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува возачите за штетното влијание на алкохолот на способноста за управување на моторно возило. Имено,  секој возач треба да знае дека управување на моторно возило под дејство на алкохол е опасно и претставува закана за сопствениот живот,  но и за животот и здравјето на останатите  учесници во сообраќајот.

Истражувањата покажуваат дека способностите на возачите за безбедно учество во сообраќајот – идентификување на опасности и закани, предвидување на опасни ситуации, способност за расудување и донесување одлуки, вклучително и способност  за извршување на соодветни дејствија за избегнување на опасни ситуации во сообраќајот, значително се намалени кога возачот има консумирано алкохол.

Во споредба со возач кој нема консумирано алкохол, ризикот и веројатноста за предизвикување  на сообраќајна незгода се удвојува кај возач кај кој концентрација на алкохол во крвта е  0,5 промили, а е за  осум пати поголема  кога концентрација на алкохол во крвта кај возачот е  1,1 промил.

Затоа, РСБСП укажува дека секој возач треба да биде свесен дека дури и една чаша алкохол ги намалува  психофизичките способности за безбедно учество во сообраќајот.

Околу една четвртина од сообраќајните незгоди со жртви и тешки повреди се поврзани со влијанието на алкохолот. Алкохолот ги намалува возачките вештини, ги нарушува моторните способности, ја намалува визуелната острина, ја искривува сликата за околината и го нарушува слухот. Алкохолот делува како депресант на централниот нервен систем. Тоа  значително  ја нарушува способноста за навремена реакција и рационалното пресудување во одредена ситуација.

Алкохолот едноставно ве прави невешти, неспособни, но агресивни во сообраќајот.

 

 

Според истражувањата, возач додека управува возило, 70 проценти од движењата ги врши рефлексно, а одлуките ги носи спонтано на основа на запазување и регистрирање на ситуации. Затоа, никогаш немојте да консумирате  алкохол кога управувате со возило или доколку веќе консумирате алкохол, немојте да управувате возило. Најлошо е да консумирате алкохол и да возите  и да тврдите дека не сте во пијана состојба.  Вие можеби во еден дел сте свесни за својот памет меѓутоа не сте свесни дека рефлексите ви се намалени.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата  возачот не смее да управува со возило во сообраќај на пат, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол, се смета лице, за кое ќе се утврди дека количината на алкохол во крвта, изнесува повеќе од 0.50 г/кг. Толеранцијата на алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на 0-‘нула’. Казнените санкции, во зависност од количината на алкохол во крвта, изнесуваат до 375 евра и забрана за управување возило до 12 месеци.

Токму затоа РСБСП со апел до возачите: Празниците се време за радости и веселби. Уживајте во убавата атмосфера и не дозволувајте момент на слабост, еуфорија и невнимание да ве понесе и да направите грешка која може да биде фатална.  Затоа не консумирајте алкохол доколку возете или не возете доколку консумирате алкохол. Алкохолот и брзото возење носат смрт и црнила на патиштата!