РСБСП: Внимавајте на влажните коловози!

Сподели

 

Влажните коловози се честа и нормална појава во овој период од годината и претставуваат сериозна закана за безбедното одвивање на сообраќајот. Намалена видливост, продолжување на сопирачкиот пат на возилото, замор, деконцентрација, …. се само дел од начините на кој дождот и влажните коловози влијаат на безбедното одвивање на сообраќајот.

Со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во услови на дожд, магла и влажни коловози, РСБСП со корисни совети за возачите:

  • Намалете ја брзината.  Истражувањата покажуваат дека  во услови на дожд и влажни коловози  сопирачкиот пат на возилото се зголемува а траекторијата на запирање  на возилото се искривува. Конкретно, истражувањата покажуваат дека  при брзина од 60 km/h, на сув коловоз, сопирачкиот пат на возилото е 34 метри,  додека на влажен коловоз 39 метри. На брзина од 100 km/h, на сув коловоз, сопирачкиот пат на возилото е 77 метри, додека на влажен коловоз околу 90 метри.  Водејки се од оваа, РСБСП потенцира дека во услови на дожд и влажни коловози, првата работа што треба да ја направи секој одговорен  возач,  е да ја намали брзината.

 

    • Држете безбедно растојание.  Во услови на лоша видливост и продолжен сопирачки пат на возилото, поради дождот и влажните коловози, особено важно е да се држи безбедно растојание помеѓу возилата со цел возачот да има доволно време и простор да презема соодветни дејствија во случај на непредвидени и опасни ситуации во сообраќајот.
    • Користете секогаш светла.  Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува обврска за задолжително користење на светлата и во денски и во ноќни услови, но РСБСП посебно потенцира дека во овој период од годината,  видливоста е значително намалена,   поради временските услови и краткиот ден,  со што употребата на светлата добива на уште поголема важност кога е во прашање безбедноста во сообраќајот.
    • Во услови на магла, користете средни – соборени светла или специјални светла  (магленки). Маглата е вообичаена појава во овој период од годината, особено во утринските часови и се карактеризира со намалена видливост на патот.  Маглата  го намалува видното поле на возачот,  ја намалува ориентацијата во просторот и доведува до погрешна проценка за растојаниерто помеѓу возилата.  Затоа користете светла, бидете концентрирани и намалете ја брзината и не заборавајте да ги исклучите светлата за магла кога ќе го напуштите делот од патната мрежа кој е покриен со магла.

 

    • Дополнителна обука за возачите почетници.  Возачите почетници се посебно загрозени и претставуваат посебна ризична група кога е во прашање возењето по влажни коловози. Недостатокот на возачко искуствo и недоволните вештини и способности за управување на моторно возило на дожд и влажни коловози придонесува или за  страв и несигурност  кај возачите почетници или пак за  потценување на ризикот и опасностите. И една и другата ситуација се крајно опасни и сериозни. Затоа, РСБСП препорачува возачите почетници да земат дополнителни часови на обука во автошколите или да организираат дополнителна обука со искусни возачи кои дополнително ќе им укажат како треба да се однесуваат во сообраќајот во услови на магла, дожд и влажни коловози.
    • Заменете и проверете ги бришачите благовремено. Во услови на обилен дожд, кој е карактеристичен за овој период од годината особено важно е возилото да поседува квалитетни бришачи за ветробранското стакло и на тој начин да се овозможи брзо и квалитетно чистење на водата од ветробранското стакло.

 

 

 

    • Користете зимски гуми. Обврската за задолжително користење на зимска опрема се однесува за периодот од 15 ноември до 15 март следната година. Законот нуди можност за користење на зимски гуми или летни гуми  со синџири за снег за погонските тркала.  Важно е да се истакне дека  зимските  гуми се особено погодни за овој период од годината  бидејки се направени од материјал кој не замрзнува при ниски температури и обезбедуваат подобар контакт со коловозната површина,  а исто така имаат дизајн (шара) која овозможува побрзо истиснување на водата и овозможуваат безбедно и стабилно движење на возилото.
    • Внимавајте на патот. За овој период од годината неретко се случува  нерамните коловозни површини да се исполнат со вода, кал и лисја на патот.  Затоа,  секогаш внимавајте на патот, бидете внимателни и концентрирани.
    • Замор и деконцентрација. Дождот многу често предизвикува поспаност, пад на концентрацијата кај возачите и замор. Особено кај помладите и неискусни возачи и кај повозрасните возачи кои имаат пониско ниво на психофизичка подготвеност и помала способност за одржување на концентрацијата.  Оваа појава особено е изразена кај лицата кој спаѓаат во категоријата на „метеопати“.  Бидете концентрирани, патувајте одморени и правете повеќе паузи, особено ако патувате на подалечна дестинација.

РСБСП со совети: Внимавајте на влажните коловози! Не го потценувајте ризикот и опасностите кои ги носи маглата, дождот и влажните коловози!