РСЕ: Aтанасоски – Различните идеи во ВМРО-ДПМНЕ се доживуваа како предавство

Сподели
Сиве овие години навистина беше тешко низ органите на партијата да се протурка различна идеја од таа на актуелното раководство, а да не биде сфатена како предавство или фракционизам во партијата, вели Влатко Атанасоски од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Атанасоски, вие сте 14 години сте во партијата, а веќе долги години сте и на државна функција, односно директор на Агенцијата за пошти. Кога за прв пат забележавте дека на партијата ѝ се потребни реформи?
Мојот личен став дека ВМРО-ДПМНЕ оди по патека неминовно да предизвика промени во внатре-партиската структура во периодот кога на Македонија јасно ѝ беше ставено на знаење дека нејзиниот влез во НАТО и евроинтеграцискиот процес ќе биде стопиран поради ветото на Грција во тој момент, на Самитот во Букурешт. Во тој момент во ВМРО-ДПМНЕ како партија се случи наплив на незадоволство коешто полека премина во скептицизам кон евроатлантските интеграции на државата и со текот на изминатите осум години, а за жал во последните години јасно стана дека внатре во партијата има луѓе коишто на картата на некаков лажен патриотизам и теориите за заговор на меѓународната заедница почнаа да создаваат внатрепартиска атмосфера на закочен проток на информации и се создаде услов на тешко пробивање на различните идеи од оние на актуелното раководство. Сиве овие години навистина беше тешко низ органите на партијата да се протурка различна идеја од таа на актуелното раководство, а да не биде сфатена како предавство или фракционизам во партијата. Таа стара идеја дека на ВМРО-ДПМНЕ му се потребни промени сега кулминираше.
Ние имаме за цел внатрепартиска демократизација и јасна дистинкција на процесите низ кои се избираат партиските функционери, но и луѓето коишто претендираат да бидат на државни функции.
Другата идеја којашто мене лично ми беше важно да допре до јавноста е да се тргне стигмата од ВМРО-ДПМНЕ дека за грешките коишто се случуваа во институции раководени од страна на кадри од ВМРО-ДПМНЕ или за создавањето на политичката криза, секој член на ВМРО-ДПМНЕ е подеднакво одговорен.
Какви се вашите контакти со клучните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ? Дали некој од нив разговарал со вас околу оваа иницијатива за којашто се залагате?
Членството реагира нормално, во најголем дел добивам повици за поддршка, меѓутоа од страна на актуелното раководство ние сме целосно изолирани, таа е политиката на игнорирање со тоа што се сака да се прикаже дека ние демек не сме широка групација, сме малку луѓе, коишто, според нивното толкување, од различни причини сме побарале нешто што беше доживеано и беше тенденциозно насочувано да биде доживеано како предавство, меѓутоа од актуелното раководство, од кои со сите сум личен пријател, никој не ме контактирал или барал контакт, нити пак во јавноста имаше јасен став дали се прифаќа иницијативата за промени или не. Генерално, од тоа што јас успеав да го видам, беше обид за лична дискредитација на луѓето коишто настапија со барање за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2015 година се појавија првите „бомби“, односно прислушувани разговори што ги објави СДСМ. Дали тие ви беа вториот сигнал дека се потребни реформи во партијата?
За мене лично немаше потреба да се слушнат разговорите и од тој аспект во поширок контекст сметам дека тие разговори воопшто не требаше да бидат објавени во јавноста, ама не беа сигнал за промени во ВМРО-ДПМНЕ. Сигнал во ВМРО-ДПМНЕ беше јасно ставен претходно кога се случи радикална промена во ставовите и сенсот за евроатланските интеграции внатре во партијата.