РСЕ: Студентскиот 5 Октомври

Сподели

На Македонија ѝ требаат повеќе пленумци. Млади луѓе со правилно насочени морални компаси и длабока желба за правдина и еднаквост во општеството, пишува Демијан Хаџи-Ангелковски, студент, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа

studentski-pl

Демијан Хаџи Ангелковски, студент, член на Студентски пленум

Студентите на 5 Октомври го дадоа своето прво и гласно „НЕ“ на сегашниот Студентски Парламент. Студентите гласаа против корупцијата, против нетранспарентноста, против тепањето на студенти и против крадени студентски избори. Длабоко се гордеам што сум студент во едно вакво време на промени. Најважно од сè, промени на менталниот склоп на просечниот студент. Не можат веќе да си играат со нас, барем не така лесно.

Првиот студентски референдум во историјата на модерна и независна Македонија, мора да се запише како врв на студентската еманципација. Тој ја задоволува нивната потреба од демократија и потребата да им се чуе гласот. Токму овие работи верувам дека ќе бидат главната причина, зошто мојата генерација и неколкуте помлади, ќе останат во Македонија. Развиваме борбен дух кај себе си.

„Не се предавам и не си одам во странство. Ќе се борам до крај! Ќе останам дома!“ – реченица која ја слушам сè почесто. Младите со својата енергија и жар за промени мораат да бидат авангардата во секое општество. За жал, наместо да го влечат општеството напред, истото ги влечеше нив по дното. Епа нема повеќе. Просечниот студент не смее да биде бастион на цинизам, туку искра на надеж!

Се надевам дека со нашите постапки изминативе години инспириравме барем неколку постари да се однесуваат поинаку. Да имаат барем малку повеќе надеж. Да сакаат да се борат уште еден ден повеќе.

Исто така, се надевам дека Студентскиот референдум ќе го земете како лекција, како треба да се организираат избори во оваа држава. Да, може да имаме фер, демократски и транспарентни избори, ама само кога организаторите на изборите не сакаат да ги украдат истите. Со цела моја одговорност тврдам дека на 5 Октомври се одржа најчистото гласање било кога спроведено во Македонија. Без полнење кутии, без влечење за уши, со полн мониторинг и јавно за секоја граѓанин кој го интересира да види што се случува. Со записници, со процедура и со изборна регулатива.

Неколку студенти го организираа целиот референдум и длабоко се гордеам со нив и со фактот дека ми се пријатели. Искрено ќе признаам, на почетокот мислев дека е недостижна идеја и дека ќе биде проклето невозможно да се организира. Ми покажаа дека не сум во право. Ми покажаа дека повторно треба да верувам во своите колеги. Најважно од сè, ми покажаа дека станувам циник. Ми покажаа дека со макотрпна работа и со желба за промени може многу да се постигне. Се надевам, ви го покажаа и вам истото.

На Македонија ѝ требаат повеќе пленумци. Млади луѓе со правилно насочени морални компаси и длабока желба за правдина и еднаквост во општеството. Ако не доаѓаш на Пленуми, не значи дека не си пленумец. Пленумец е секој што ја има оваа идеолошка матрица за промени, без разлика каде е и што е.

Нееднаковста е насекаде околу нас. Борете се другари и другарки. Јас на ова општество нема да му дозволам да ме влече по дното. Ќе го влечам до сè повисоки нивоа. Стори го и ти истото. Немаме друга дома.