Настанот се случил во Египет по втората светска војна. Паѓа дете од велосипед и тешко се повредува. Паднало во безсознание од преголемо крварење. Наидува една жена која трчајќи со сите сили го однела детето во најблиската локална болница. Но, персоналот имал строг шеф па не ги пуштил да влезат внатре без негова дозвола. Главниот доктор и нивен шеф, им рекол дека без однпаред да се плати за услугата нема да го прими. Не помогнале ниту убедувањето дека се работи за несреќен случај. Дека детето многу има загубено од крвта и дека продолжува да крвари. Жената се повикувала на совеста, хуманоста и животот на детето, но ништо од тоа. Здравјето на детето секој миг се влошувало. На крајот жената го извадила сиот свој златен накит, оти кај себе немала толку пари колку што барал докторот. Кога се увериле дека вредноста на златото одговара на услугата тогаш прифатиле детето да го внесат внатре. Но, тогаш веќе било многу доцна. Детето веќе починало. Докторот како да сакал барем делумно да ја испере совеста се приближил до детето и наедаш пребледел, почнал да лелека, збеснал, и почнал со сиот глас да урла: Па тоа е мојот син! Жената, видно потресена низ солзи му рекла: Докторе задржете ги моите златници, ќе ви требаат за погребот…
Тој доктор ме потсеќа на Груевски и неговата верна сенка Иванов и нивните коалициони пајташи, што направија луѓето полесно да се обединуваат околу омразата отколку околу толеранцијата. Ги смислија тепачките по улици, по автобуси, Нерези, Кале, Цар Душан, Монструм, битката меѓу крстот и орелот, па дури и Куманово! Поради нив државата стана полна со празни луѓе. Ги допреа луѓето во срцето за да им ги вадат мозоците. Криминалното водство сега е спремно и сите луѓе да ги жртвува, и целата држава да ја уништат, само за да ја одбегнат правдата! Дури и самите структури на ДПМНЕ не прават ништо во полза на спасувањето на луѓето и државата, несвесни дека и нивните деца се потенцијални жртви. Тешко сфаќаат дека партијата им е киднапирана од група гусари кои државата за 11 години ја доведоа до општа беда, до работ на војната и општа пропаст. Се поради нашите украдени пари. Молчат и тогаш кога интелигенцијата им е потценета – првин вели дајте 63 пратеника против двојазичноста, а потоа ги прифаќа барањата од Платформата. Ползел и молел и плаќал за Клинтон, а кога победи Трамп тој ја препорачува неговата книга за читање! Со лаги можете да ги полните срцата, ама стомаците ќе останат празни, оти се` можете да излажете, освен желудникот.
Но, сите индикатори покажуваат дека сепак ДУИ со скршено срце ќе нема да има можност да го спаси својот миленик Груевски. Ќе го пушти низ вода, спасувајќи се себеси. И тука неминовно се поставува прашањето: Што ли ќе прави лажното водство на ДПМНЕ?
Тие имаат пет опции:
Првата опција е ДПМНЕ да го бојкотира собранието и да пробува со некакви протести, кои многу брзо може да загубат во интензитет, оти граѓаните се свесни дека погрешно е да ги браните тие луѓе што треба да ги гоните. Токму тие со нивните злодела државата и партијата ДПМНЕ ги доведоа до општа брука. Сега во оваа партија постои огромно незадоволство поради нејзиното водство, оти после нив таа со декади ќе биде перцепирана како дувло на криминалот, на лагите, на манипулации, на осиромашување до срж, на задолжување до гуша. Тие создале таква состојба што повеќе треба да ги жалиме тие што се раѓаат отколку тие што умираат. Често ме запираат вмровци и ми велат: „Гласавме за ВМРО, а на за тие ајдуци“, несвесни дека така само го хранеле својот џелат. На вмровците сега им е сменет партискиот ментален код од страна на тие што самите не знаат на што партија припаѓале. Ако воопшто припаѓале. Оти на криминалот единствената идеологија се црните пари.
Втората опција би била тнр. контролирана дестабилизација, со цел сегашното водство да се факторизира како преговорач во повторно стабилизирање на состојбите, а тоа си има своја цена. Но, тука има два ризици. Првиот е можноста состојбата да излезе од контрола, а вториот е ризикот од масовно дезертирање или одбивање на наредбите. Луѓето добро ги препознаваат таквите кобни игри и водството тогаш брзо би завршило во затвор.
Третата опција би била обидот за класичен државен удар. Тука Иванов може да одигра клучна улога. Се покажа дека тој најдобар е кога ништо не кажува и ништо не презема. Сашо Орданоски вели: “Иванов служи за да внесува правна и политичка несигурност во државата”. Ова е најопасната опција и за државата и за луѓето во неа, но и за самите актери. Тоа е опасен руски рулет во спротивна варијанта (кога од седумте дупки во буренцето на револверет „Наган М“ само едната е празна). Така што при првото стискање на чкрапалото, шансите за да не добиете куршум во слепоочницата се само 14 отсто. Тука има големи ризици во командното функционирање на полициските и армиските сили, оти не секој би се согласил за долгогодишен затвор за да виновниците се спасат од таков затвор. Башка што војската воопшто не е задоволна со својот понижен статус. И лесно пучот би се претворил во антипуч. Шансите на тој пуч во услови на РМ опколена од држави членки на НАТО, се рамно на нула.
Петтата и последната е нормалната опција. Оставена последна, оти кај нас нормалата и така е на последното место. Влади насекаде во светот се формираат на различни начини. Доволно да имате парламентарно мнозинство. ДПМНЕ нема кредибилитет по ниеден параметар да биде дел од владата. Од земјата избега третина од населението, општа мизерија, три пати зголемен долг, уништена економијата, здравството, образованието, културата, достоинството. Тепале, краделе, местеле избори, затворале луѓе, киднапирале, рекетирале, преземале фирми, местеле судски случаи, правеле чуда со медиумите.
Која е улогата на Русија? Србите велат: “двојна несреќа за една држава е ако американците и` се непријатели, а русите пријатели“. Водството изгледа договарало сопштение со руското МНР, а тоа го закопало Ахмети. Русија нема друг интерес од Балканот освен да го дестабилизира, и потоа да се пазари за Кримеа и Украина. Дури при таква ситуација најголема штета би сносел „Гаспром” и „Турски тек“ на кои им треба мир.
Промените се потребни повеќе отколку водата на жедниот од Сахара. Тоа е спас, не само за демократијата, туку и од бедата, од сиромаштијата, од газење на човечкото достоинство, од понижување и грабеж. Ние треба да жалиме за тоа што не сме, но и да се срамиме од тоа што сме. Најмногу треба да се плашиме кога големи идеи се пласираат од мали луѓе. Од тие што граделе свои кули во урнатините на нашите страдања. Не се тешки тие одлуки туку многу лесни се тие водачи.