Новинарот и главен уредник на рускиот весник „Новаја газета“, Дмитри Муратов изјави дека Нобеловата награда за мир што ја доби лани ќе ја стави на аукција за да собере фонд за помош на украинските бегалци, пренесува мета.мк
„Ги повикувам аукциските куќи кои се заинтересирани да ја огласат оваа награда, која е позната низ целиот свет, да нè контактираат“, изјави Муратов, којшто во 2021 година ја доби оваа престижна награда поради неговата борба за слободата за изразување и новинарската храброст што ја има покажано.
Муратов и „Новаја газета“ во нивното соопштение повикуваат и на пет итни мерки што треба да се имплементираат во Украина – прекин на огнот, размена на воени заробеници, враќање на загинатите војници во нивната матична земја, создавање на хуманитарни коридори и помош на бегалците.
Инаку, „Новаја газета“ како последен критички настроен весник во Русија, од почетокот на март го избегнува известувањето за војната и руската инвазија на Украина поради воспоставената цензура и заканите за кривично гонење од страна на руските власти кон новинарите кои не го следат официјалниот дискурс на Кремљ за тоа како требало да се известува за воената агресија.