Рускиот воен брод „Москва“ тешко оштетен од експлозија

Сподели

 

Најважниот брод на руската црноморска флота, ракетниот крстосувач „Москва“ е тешко оштетен од експлозија. Украинската војска тврди дека бродот е погоден од нивна страна со ракета „Нептун“, што предизвикало сериозни оштетувања, јавува Укринформ. Руското Министерство за одбрана потврди дека бродот е оштетен, но вели дека „експлодирала муниција по претходно избиен пожар“. Екипажот на бродот е евакуиран, а рускиот извор тврди дека се истражуваат причините за експлозијата.

Украинскиот генералштаб денеска информираше дека руските сили постојано гранатираат инфраструктурни објекти во регионите Харкив и Запорожје, а Русите се подготвени да тргнат во офанзива во правците Донецк и Таврија. Воени дејствија се водат во Севернодоњецк, Рубижње и Попасна, јавува Укринформ. Украинските воени сили денеска потврдија дека борбите се приближиле до Словјанск.

Во меѓувреме, борбите продолжуваат и во Мариупол во близина на фабриката „Азовстал“. Би-би-си јавува дека доколку руските сили го освојат овој комплекс, тогаш приморскиот град ќе биде целосно под нивна контрола.

САД ќе достават дополнителна воена помош за Украина во висина од 800 милиони долари, со што американскиот придонес за одбрана на земјата од руската агресија се зголеми на повеќе од 2,5 милијарди долари, пренесува Гардијан.

Украинското јавно обвинителство денеска објави дека истражува околу 6.500 случаи на можни воени злосторства направени од руските сили од почетокот на воената агресија од Русија на 24 февруари. Во досегашните борби и гранатирања од руските сили загинале 197 деца, пренесува Гардијан./мета.мк