Одделот за медиуми на Министерството за надворешни работи на Русија вчера порача дека изјавата на албанскиот премиер и претседател на Социјалистичката партија на Албанија, Еди Рама, за Законот за употреба на јазиците во Македонија е потврда дека тој и понатаму сака да ја реализира „тиранската платформа“ и да се заканува на уставните темели на македонската државност и на Охридскиот рамковен договор.
„Ваквата реторика на Еди Рама ја потврдува намерата и понатаму да ја турка одиозната ”тиранска платформа“ создадена со неговото лично учество. Реализацијата на одредбите на овој документ се заканува со поткопување на уставните темели на македонската државност, на Охридскиот рамковен договор и како последица – со нови меѓуетнички потреси на Балканот. Сето тоа е дел од големоалбанските амбиции кои се повеќе се шират и го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на низа држави во регионот. Давајќи му големо значење на прашањето за употреба на јазиците, сметаме дека од принципиелна важност е таквите решенија да се донесуваат врз основа на согласност од сите гранки на државна власт и со широк консензус во општеството“, се вели во реакцијата од руското МНР.
Одделот за медиуми напоменува дека албанскиот премиер истовремено се пофалил и дека Социјалистичката партија на Албанија, на чие што чело е тој, имала врска со формирањето на „Ослободителната армија на Косово“ и со „битката за Косово“ во соседната Србија.