Филмот „Сѐ насекаде и одеднаш“ (Everything Everywhere All at Once) ги доби наградите во седум категории на синоќешната церемонија на доделување на Оскарите.
Научно-фантастичната акција на режисерите Даниел Кван и Даниел Шајнарт за семејство кинески емигранти кои патуваат низ мултиверзуми и ја откриваат смислата на животот, доминираше во речиси сите главни категории на 95-тото издание на Оскарите.
„Сѐ насекаде и одеднаш“ освои Оскар за најдобар филм, за режија, најдобра актерка (Мишел Јао), најдобра актерка во споредна улога (Џејми Ли Картис), најдобар актер во споредна улога (Ке Хуј Кван), најдобро оригинално сценарио и најдобра монтажа.
Седумте Оскари се погрижија да не остане незабележано присуството на американската продукциска куќа „А24“ која стои позади „Сѐ насекаде и одеднаш“. Овој филм не беше единствениот на студиото што освои награда, бидејќи Брендан Фрејзер ја освои наградата за најдобар актер за неговата изведба во „Китот“ (The Whale). Овој филм ја освои и наградата за најдобра шминка и фризура.
„Нема ништо ново на Западниот фронт“ (All Quiet on the Western Front) доби четири Оскари, меѓу кои за најдобар странски филм, кинематографија и продукциски дизајн.
Наградата за најдобра костимографија ја доби филмот „Црн Пантер: Ваканда засекогаш“ (Black Panther: Wakanda Forever), за звук „Најдобриот пилот: Маверик“ (Top Gun: Maverick), а за најдобро адаптирано сценарио „Жените зборуваат“ (Women Talking).
Оскарот за најдобри визуелни ефекти го доби филмот „Аватар: Патот на водата“ (Avatar: The Way of Water), а за најдобар долгометражен анимиран филм беше прогласен „Пинокио“ на режисерот Гиљермо дел Торо.
Документарецот за рускиот опозициски лидер „Навални“ (Navalny) ја доби наградата за најдобар документарен филм.
Наградата за најдобар краток филм ја доби филмот „Ирско збогување“ (Irish Goodbye), најдобар краток документарец е „Шепкачите на слоновите“ (The Elephant Whisperers), а најдобар краток анимиран филм е „Момчето, кртот, лисицата и коњот“ (The Boy, the Mole, the Fox and the Horse).
Од друга страна, ниту една награда не освоија филмовите „Баншите од Инишерин“ (The Banshees of Inisherin) кој имаше девет номинации и филмот „Елвис“ (Elvis) кој доби осум номинации на годинешните Оскари.