Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс изјави дека неодамнешните неоправдани шпекулации за промена на границите на Балканот по етничка линија ризикуваат поттикнување нестабилност во регионот и будат сеќавања на минатите тензии, пренесува Радио Слободна Европа на македонски јазик.
САД се против прекројувањето на границите на Балканот и нивната позиција ја потврдија откако се појави нон-пејперот кој циркулираше меѓу официјалните претставници на ЕУ, за кој словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар и денеска повтори дека не постои, иако некои медиуми му го препишуваат овој документ на словенечката влада на Јанез Јанша.
„Стабилната, просперитетна иднина на Западен Балкан мора да се заснова на добро владеење, владеење на правото, мултиетничка демократија и почитување, човекови права и основни слободи“, се наведува во изјавата на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.
Во нон-пејперот, наводно, се зборуваше за прецртување на границите на Балканот, а во различни верзии што се појавија во медиумите периодов, се крои идната судбина на границите на земјите од Западен Балкан.
Во однос на односите меѓу Косово и Србија, портпаролот на Стејт департментот истакна дека САД се подготвени да ја поддржат работата на сеопфатен, обврзувачки договор за нормализација меѓу Косово и Србија, кој се фокусира врз меѓусебно признавање и ги поставува темелите за трајна соработка и просперитет.
Во однос на Црна Гора и Северна Македонија, портпаролот Прајс вели дека САД ги ценат своите партнерства со најновите сојузници во НАТО, дополнувајќи дека тие имаат намера да ја зајакнат оваа соработка преку заедничка обука, вежби, распоредување и набавки.
Портпаролот на Стејт департментот во изјавата наведува и дека САД работат со меѓународната заедница за поддршка на Босна и Херцеговина во спроведувањето на реформите што ќе и овозможат да напредува и да обезбеди статус на кандидат за ЕУ, вклучително и изборни реформи.
Прајс потсети дека Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), формирана пред 25 години според Дејтонскиот мировен договор, даде значителен придонес кон мирот и стабилноста. Тој рече дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат важната улога на ОХР во унапредувањето на агендата 5 + 2, со обновен фокус на антикорупцијата како клуч за консолидирање на владеењето на правото.