Една по една, како стари бруцелозни говеда, ни испоцркаа сите надежи за „европскиот сон“. За волја на вистината, се чини, дека освен нас нема никој жив под овие ѕвезди, кој толку посакуваше, веруваше, се полтронизираше, се надеваше дека ќе стане член на една лабава политичко-економска асоцијација, која, повторно се чини, само што не се распаднала.
Само ние вложивме толку многу надежи и енергија да влеземе во друштво каде нè не сакаат и сурово не уценуваат и понижуваат. Што е Европа денес и што претставуваат бесконечните пропагандистички новинарски текстови за обединета Европа во денешнава воена состојба? Дали флоскулата за „европскиот сон“, слично на онаа за „американскиот сон“, не е денес некој вид идеолошко-политиканска онанија? Национално самозалажување и самозадоволување, преку кое привилегираната класа и нејзините идеолошки потрчковци треба да обезбедат привремен мир во кој ќе ги сочуваат и зголемат своите богатства? Воглавно, пред иконостасите во Брисел, на колена се молат и плачат, уште само мал број политичко-национални инфантилни верници од таканаречениот Западен Балкан, а тамошните бирократи и политички маргиналци, како некакви политички бискупи, ги инкасираат нивните солзи на контото од своите политички кариери. Впрочем, овие бриселски функционери и имаат право на тоа. За секоја услуга се плаќа. А, овај циркус, наречен „европски сојуз“, ги забавува и занимава луѓето низ Европа со политички жонглирања, повеќе од седумдесет години.
Ние во Македонија, преку европската халуцинација, ако ги тргнеме настрана некои, сепак ситни, финансиски грантови и кредити, добивме само реставрација на фашизмот и уцени и условувања од нашите „европеизирани“ соседи – Грција и Бугарија. Впрочем, наводно европеизираната Бугарија, што попатно кажано звучи многу смешно, се претвора во некакво монополистичко погребално претпријатие со есклузивно право да одредува што мислеле и чувствувале мртвите низ историјата. Претпријатие од кое вработените продавачи на погребална опрема се обидуваат насила да нè натераат нас Македонците, да ги прифатиме за свои и да ги чествуваме некои мртви фашистички лешови. Европеизираните големобугарски националшовинисти, преку наметнување на таа своја големобугарска, антимакедонска, националистичка и фашистичка, некрографија, како и преку делењето на „европски пасоши“, се обидуваат да соберат што е можно повеќе продадени македонски души во бугарското национално трло.
Оваа фашизоидна политика не е нешто ново и не е нешто што треба да зачудува. Европскиот фашистички крематориум светеше одвратно за време на сите кукавички и одвратни масовни убиства, колења, бомбардирања, геноциди, поробувања, делби и поделби, пред и во време на Втората војна. А, ако се сетиме на „толеранцијата“, финансирањето и поддршката на фашистичките режими на Шпанија и Португалија, тогаш можеме да констатираме европски фашистички континуитет и далеку по Втората војна. Всушност, без да погрешиме можеме да ја парафразираме позната платонова мисла и да речеме дека во четириесет и петтата: Само мртвите го видоа крајот на фашизмот!
Втората светска војна која ја започнале фашистичките сили, е империјалистичка војна која направи вистинска пустош, оти се водеше не само на фронтовите, туку и во позадината каде беа убивани жени деца и старци, па затоа имаше најголем број на човечки жртви во историјата. Таканаречениот наци-фашистички „нов поредок“ и таканаречената наци-фашистичка „нова Европа“ значеа не само продолжување на континуитетот и зајакнување на капацитетите на капиталистичкиот систем, преку империјалистичка поделба на светските материјални ресурси, туку и обид да се уништи тогашната единствена социјалистичка земја – Советскиот Сојуз. Впрочем, познатиот Јозеф Гебелс, во февруари четириесет и третата година, издал упатства за организирање на понатамошната пропаганда на Третиот Рајх и неговите сојузници, каде инструирал да се насочи вниманието кон важноста на „општата европска борба против болшевизмот и за новата Европа“. Двегодишнината од нападот на Советскиот Сојуз, поучувал Гебелс, требало да биде одбележувана како „европски национален празник“, оти тогаш Третиот Рајх повел „света војна“ за ослободување на малите народи со цел да „го обезбеди нивно национално постоење и нивната национална култура“. Затоа, 22 јуни 1941 година станал, наводно, „најголемиот датум во поновата историја на Европа на 20 век“, а почетокот на војната против Советскиот Сојуз требало насекаде да се слави како „празник“ на благодарност кон „Германија како пионер на новата Европа“.
Денешниот евроатлански, политички и историографски, ревизионизам кој е насочен кон бришење на заслугите на Црвената армија во поразот на воено-политичка фашистичката коалиција, ги изедначува жртвите од наци-фашизмот со сите останати кои на разни начини го загубиле животот во време на Втората светска војна. Тоа изедначување е грозно и крајно аморално, затоа што значи изедначување на крвникот и жртвата. Протоколот по кои официјални делегации, лицемерно, оддаваат почит и пред паметниците на антифашистичките борци и пред оние на големата фашистичка коалиција е наметнување на, наводно неутралната и „хумана“, перцепција дека сите жртви се еднакви. Дека сите жртви се само – жртви. Европски ден на сеќавање, без дилеми, од аспект на вистинитоста треба да се нарече „Ден на политичкиот и историскиот ревизионизам“. А десничарскиот и неолиберален ревизионизам по дефиниција е – лажна меморија. Масовното форсирање на профашистичка конфабулација за „еднаквоста на жртвите“, се наметнува за да се затскријат сите други европски фашистички злодела, сите пактови и поделби што западноевропските политичари ги беа потпишуваа со Мусолини и Хитлер, да се заборави што се случуваше пред, за време и по Втората војна од страна на „чесната“ европска либерално-буржоаска политичка каста.
Сосема е јасно дека и кај нас, под европско знаме и со европски пари, ќе продолжи и ќе се засили трендот на рехабилитација на фашизмот и фашистите. Профашистичките политички појави ќе зачестуваат и ќе стануваат сè поагресивни. И ќе одат сè подалеку од вистината. Сè повеќе „научни советнци“ и „универзитетски професори“ ќе го оцрнуваат комунизмот, партизанството и македонската борба за национална слобода, ќе измислуваат злосторства од ослободителите и државотворците и ќе ги релативизираат фашистичките колежи. На наша почва, бугарските фашисти со нивните македонски врховизирани квислинзи и албанските фашисти, ќе бидат величани како борци против комунизмот и патриоти. Улици ќе бидат именувани по касапи и масовни убијци, ќе никнуваат нови споменици на декларирани фашисти и антимакедонци, ќе се цртаат на сите страни кукасти крстови, ќе се веат нацистички знамиња, ќе се индоктринираат децата и младината со разни локални хитлеровци, ќе се држат панихиди во македонските храмови на наци-фашизоидни криминалци и убијци, ќе имаме пред очи многу нацистички тетоважи, ќе гледаме документарни и холивудски филмови за оцрнување на антифашистите и оправдување на фашистите. Нивните наследници, генетски и идеолошки, ќе рикаат дека нивните претци биле невини жртви „на сите тоталитаризми“, а нивното сатанизирање на партизанското и светското антифашистичко движење ќе добие хистерични размери, ако е воопшто можна посилна хистерија од оваа што ја сведочиме последните триесет години. Впрочем, веќе сега, заради закржлавеноста и неспособноста на македонската држава да ги спречи очигледните профашистички и антимакедонски операции на нормализација на злото, ревизионистите преку некроматија со Тодор, Ванчо, Мефаил и Џемо, ни предвидуваат дека македонското општество ќе се „предаде“ и ќе ги прифати нивните мистификации како историски вистини и сегашни судбини, дека Македонците ќе доживеат катарза и ќе се „освестат“ од заблудите кои им ги „наметна“ Тито и дека ќе бидат создадени голема Бугарија и голема Албанија на сметка на Македонија. Сето тоа се црни кобежи за иднината на земјата Македонија и човекот македонски, и затоа, најитно, тоа мора да се промени и поправи, дури и преку напуштање на фантазмагоријата викана „европски сон“.