СДСМ и ВМРО ДПМНЕ го осудија нападот врз Елвис Бајрам

Сподели

Градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, кој е и кандидат за истата функција на претстојните локални избори, Елвис Бајрам и лицето Аднан Мемет, кое било со него, вчера попладне биле физички нападнати, додека Елвис одржувал средби со граѓаните како дел од изборната кампања.

„Јас сум повреден со шипка, а градоначалникот со шипка и секира и апелирам да се преземат мерки.“ – вели Аднан Мемет.

Од Министерството за здравство преку официјалниот твитер профил информираат дека Елвис Бајрам е надвор од животна опасност, а раната му е санирана со шест конци. Пред болницата беа собрани поддржувачи на Бајрам, но и неговиот татко пратеникот Амди Бајрам кој повика МВР во најбрзо време да го расчисти инцидентот.

„СДСМ најостро го осудува насилството што се случило во скопската општина Шуто Оризари. Очекуваме МВР и надлежните институции до крај да го расчистат случајот, а виновниците да бидат изнесени пред лицето на правдата согласно со законите. Ги повикуваме сите граѓани и политички субјекти да не подлегнуваат на провокации и да останат посветени на спроведувањето фер, слободни и демократски избори“, повика СДСМ.

И ВМРО-ДПМНЕ најостро го осуди физичкиот напад врз Елвис Бајрам, оценувајќи го како уште едно грубо и брутално нарушување на изборниот процес, а за сето тоа ги обвини институциите на Владата предводена од СДСМ.