Информациите за промена на расположението кај граѓаните кои од ден на ден се повеќе се противат на погубните политики на обвинетиот Никола Груевски допираат и до ВМРО-ДПМНЕ, одговараат од опозициската СДСМ на реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за писмото кое Зоран Заев го испрати до амбасадорите.
„Токму затоа паниката кај ВМРО-ДПМНЕ и Груевски од соочување со граѓаните станува се поочигледна. Токму затоа прават сè за да не се дојде до избори и до понесување одговорност. Токму затоа сите делувања на ВМРО-ДПМНЕ се во насока на минирање на изборите закажани за 11 декември. И токму затоа претседателот на СДСМ Зоран Заев упати писмо до амбасадорите во кое укажува на намерите на ВМРО-ДПМНЕ за саботирање на претстојните избори“, велат од СДСМ.
Во соопштението се наведува дека СДСМ е решена изборите да се случат на 11 декември и од тоа не отстапува.
„Изборите се неопходен исчекор кон надминување на политичката криза и кон градење на демократски капацитет во државата, вредност која е во интерес и на СДСМ и на граѓаните на Македонија“, велат од СДСМ.