Во Регистарот на преземени недвижности (одземен имот) наменети за продажба што го промовираше денеска Катастарот, како новина што се воведува во државава, заклучно со денеска деловните банки доставиле податоци за 1.207 станови и деловни простории, како и за 278 парцели со градежно и земјоделско земјиште.
– Во соработка со правните субјекти кои располагаат со недвижности преземени во постапки при наплата на побарувања или по други основи Агенцијата за катастар на недвижности ќе ги прикажува овие податоци на својот портал со што ќе се постигне целта на едно место секој заинтересиран инвеститор или купувач на недвижен имот да добие точна информација за недвижниот имот, кој е расположив на продажба – информира на прес-конференција директорот на Катастарот, Борис Тунџев.
Активно учество во реализацијата на проектот досега зеле 11 банки, а моментно најмногу од недвижностите наменети за продажба се од страна на Комерцијална банка ад Скопје. Во втората фаза е предвидено вклучување на стечајните управници и извршителите, затоа што и тие се дел од постапките за располагање со имот.
Тунџев појасни дека Катастарот нема увид во цената по која банката ќе ја врши продажбата, ниту пак динамика за продажба на имотот. Тоа ќе го ажурираат комерцијалните банки, а во регистарот ќе биде евидентирана продажбата кога ќе биде реализирана. Од моментот на воспоставување или продажбата на самата недвижност таа ќе биде тргната од регистарот.
– Во реално време во моментот кога ќе биде извршена трансакцијата за продажба на недвижниот имот таа во истиот момент се трга од регистарот. Идејата е во реално време да ја отсликува реалната фактичка состојба за недвижности што во моментот се наменети за продажба – рече Тунџев.
Катастарот го води регистарот врз основа на податоците од субјекти кои ги презеле недвижностите при наплата на побарувања или по друг основ, односно Агенцијата за управување со одземен имот, Управата за јавни приходи, банки и др.
Како што појаснија стручните служби на Катастарот, Регистарот што се води во електронска форма е дел од геодетско-катастарскиот информациски систем. Тој содржи описни податоци за земјиштето или катастарските парцели, како и податоци за посебните згради и инфраструктурни објекти. На субјектите кои располагаат со овој имот преку овластени лица им е овозможен пристап до привремена база на податоци за недвижностите. Тоа ќе го прават преку корисничко име и лозинка доделени од страна на Агенцијата. По извршеното потврдување на податоците се врши внес на податоците во Регистарот на преземени недвижности наменти за продажба. По извршениот внес на податоците, се смета дека е воспоставен Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба.
Законски услови за воспоставување и водење на регистарот се овозможени со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности во јуни годинава, по што беше донесен Правилник за начинот на водење, формата и содржината, а Е-кат системот на Катастарот беше надграден со нова функционалност за иницијално полнење, воспоставување и одржување.
Агенцијата за катастар на недвижности ќе ги прикажува податоците од регистарот на преземени недвижности наменети за продажба на својот портал.