Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, изјавија од Министерството за здравство.
Прва доза вакцина вчера примиле 13.076 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.033 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 145.043 дози вакцини, од нив 121.181 граѓани се вакцинирани со прва доза, а ревакцинирани се 23.862 граѓани. Со последните бројки 35% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 303.574 граѓани.
Граѓаните да се пријавуваат на веб страницата vakcinacija.mk, заради тоа што тоа е најпрактичниот механизам и начин да се стигне до соодветен термин за вакцина против Ковид-19, апелираат од Министерството за здравство.