Сеад Кочан ја напуштил Македонија

Сподели

Сеад Кочан, сопственикот на ТВнова во четвртокот наутро ја напуштил Македонија преку границата на Табановце и заминал во непознат правец, пренесува порталот Нова, повикувајќи се на извори во истрагата.

Министерството за внатрешни работи не знае во која држава се наоѓа Кочан во моментов.

Кочан ја напуштил Македонија неколку часа пред да биде објавена одлуката на Кривичниот совет, со која се прифаќа жалбата на СЈО и се бара притвор за него.

Кривичниот совет оцени дека Кочан може да избега и во одлуката напиша:

“Осомничениот е имотен човек, што укажува на тоа дека може да се даде во бегство, бидејќи истиот поседува ресурси кои би можеле тоа да му го овозможат. Преку материјалните средства што тој ги поседува, осомничениот може непречено да реализира напуштање на границите на РМ и обезбедување на засолниште во странство, дотолку повеќе што неспорен е фактот дека тој многу често патува надвор од земјата. Во таа смисла, во услови кога на осомничениот не му е ограничено неговото движење бидејќи поседува патна исправа, согласно понапред изнесените причини може да се даде во бегство и да се крие, односно да стане недостапен на органите на прогон.”

Судијката во претходна постапка била Даниела Димовска која првично проценила дека нема потреба од притвор.