Во Апелациониот суд за денеска се закажани неколку седници на коишто ќе се разгледуваат жалбите на Специјалното јавно обвинителство, откако Кривичниот суд не ги прифати барањата за притвор и на обвинетите во случаите што ги отвори СЈО, и им одреди поблаги мерки.
На седниците не е исклучено да се разгледуваат евентуални жалби и на одбраната.
Во судот денеска се очекува да се појават, помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, обвинет во случајот „Триста“ за набавка на 300 полициски возила.
Подоцна се закажани седници и на кои треба да се појават уредникот Драган Павловиќ Латас обвинет во случаите „Тотал“ и „Тревник“ и новинарката Ивона Талевска обвинета во случајот „Титаник“.
Потоа се очекува седница и за случајот „Тарифа“ во кој се обвинети три лица за злоупотреба на службената положба и овластување.
Вчера во Апелациониот суд се разгледуваа жалбите за случајот „Траекторија“, во кој се обвинети поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски.