Се чини дека учениците во последно време не престануваат да ја изненадуваат македонската јавност. Од видео снимки кадешто се гледа уништување на училиштен инвентар до споделување фотографии на работ на порнографија во затворени групи на социјалните мрежи. Иако овие појави се јавуваат во различни училишта и градови низ долг временски период, тие не се изолирани, туку говорат за пошироки проблеми на младите.
Во претходните неколку години, медиумите известуваа за скандали кои вклучуваа ученици во различни училишта. За последниот настан што предизвика бранување во јавниот дискурс се дозна изминатава недела. Имено, малолетници споделувале експлицитни фотографии од нивни врснички во затворена група на социјалната мрежа Телеграм која за еден месец достигнала над 7400 членови. За сериозноста на случајот говори можноста и возрасни лица да биле вклучени во групата.
Но, ова е само дел од медиумската сага која ги обзема младите во последниот период. Медиумите, исто така, известуваа за средношколци кои се снимале како уништуваат мебел во нивните училишта, а „триумфалните достигнувања“ ги објавувале на социјалните мрежи. Најстрашно, медиумите знаат да известуваат и за сексуално насилство и напади во училиштата. Последниот случај беше во едно основно училиште.
Одговорот од институциите делува статичен и банален. Од Министерството за внатрешни работи говорат како „се преземаат мерки за случајот“, но одговорот на јавноста е еднакво проблематичен и игнорирачки во принцип. Најчесто се зборува за „загрижени родители“ и „шокирани професори“, а се превидува фактот дека овие појави не доаѓаат како „гром од ведро небо“ туку се резултат на поширок општествен контекст. Овие појави не се изолирани случаи. Тие треба да претставуваат индикатори за сегашната состојба на македонската младина.
Има ли Северна Македонија конзервативна младина?
Во изминатата година објавени се две истражувања чија целна група ги вклучува учениците преку различни начини. Едното директно ги анкетирало младите, додека другото подразбирало анкетирање на родители на деца до 15 години. Првото е истражувањето спроведено од Вестминстерската фондација за демократија (ВФД). Ова истражување опфатило 1025 лица на возраст од 15 до 35 години. Второто, пак го спровела невладината организација ХЕРА над 800 испитаници, родители на деца до 15 години. Целта на истражувањето било да се соберат податоци за поддршката на воведување Сеопфатно сексуално образование (ССО) во Република Северна Македонија.
Двете истражувања, според мене, даваат загрижувачки податоци, во поглед на мислењата кон жените и ЛГБТ лицата. Имено, 59 отсто од испитаниците на ВФД се согласуваат со изјавата дека „ЛГБТ лицата немаат место во политиката“. Овие ставови се рефлектираат и во истражувањето на ХЕРА чии наоди покажуваат дека 59 отсто од родителите велат дека „хомосексулноста е општествено неприфатлива“. Иако мнозинството од испитаниците на ВФД не се согласуваат со тврдењето дека „мажите се подобри политичари од жените“, значително малцинство (35 отсто) се согласуваат со горенаведеното тврдење.
Извор: kajgana.com
За односот кон жените и девојчињата можеби најдобро говори истражувањето на ХЕРА. Тука, 36 отсто од родителите велат дека „на девојчињата не им доликува да мастурбираат“.
Наодите од истражувањата зборуваат за загрижувачки трендови во поглед на односот кон жените и ЛГБТ лицата во заедниците кои говорат за постоењето на двојни стандарди кои го попречуваат патот кон целосна општествена еднаквост. Двојните стандарди се одразуваат во истражувањата преку ставовите на испитаниците за еднаквоста во политиката, хомосексуалноста како и перцепцијата за сексуалните пракси на момчињата и девојчињата.
Нормално, се прашувам дали македонската младина ги негува овие двојни стандарди преку родителско воспитување или пак тие ѝ се пренесени преку образовниот процес. Затоа не треба никого да изненади содржината на учебниците по социологија за втора година средно образование. Неколку извадоци од учебникот покажуваат тврдења како „абортусот и чедоморството се исклучиво женски криминали“. Прељубата е исто така наведена како злосторство. Најшокантна е реченицата во која е наведено дека ако жената е затворена во домот, таа нема никаква можност да стори кривично дело. Оттука може да се развиваат аргументи за влијанието на образовните инстицуции врз учениците, па, последователно и нивната улога во решавањето на овие проблеми. Охрабрувачки е тоа што Министерството за образование и наука извршува промена врз содржината на учебникот.
Воведување сеопфатно сексуално образование (ССО)
Исто така, ниту родителите, ниту пак општеството треба да бидат изненадени од тоа дека тинејџерите односно адолесцентите имаат сексуални односи. Според студија на ФЕС 32 отсто од испитаниците на возраст од 15 до 19 години рекле дека имале сексуален однос. Кога овој факт е прифатен, треба да се покрене прашањето како најдобро да се едуцираат младите за безбедни и законско-прифатливи сексуални односи. Вакви образовни програми за сексуално образование постојат ширум светот, во земји како Белгија и Холандија, но и во земји како Индија и Гватемала. Во Северна Македонија тие се сведени на еден сегмент од учебниците по Биологија за седмо, осмо и деветто одделение фокусиран на репродуктивниот систем.
Ширум светот чинителите како институциите и активистите заземаа став во борбата за воведување на програми за сексуално образование во нивните образовни системи. Пример за тоа е Англија кадешто ова образование стана задолжително во основните и средните училишта. Исто така, позитивни искуства пристигнуваат од Индија каде фондацијата МП изготвила инклузивна програма за сексуално образование. Овие програми покриваат теми како различни сексуални ориентации, контрацепција, сексуални инфекции, сексуално насилство, давање согласност како и теми поврзани со романтични врски.
Владата на РСМ донесе одлука за воведување пилот програма за ССО во четири основни училишта планирана да започне во 2021 година. Секако дека оваа одлука е за поздравување. Но, програмата е предвидена за ученици од деветто одделение, а моето искуство во основното образование ми говори дека учениците сетреба да се започне многу, многу порано, на пример во шесто одделение. Мојот предлог е поддржан од студија на Универзитетот Џорџтаун во којашто авторите тврдат дека со сексуалното образование може да се започне на 10 години.
Улогата на дигиталните технологии во проблемот
Бидејќи живееме во дигитално време, младите генерации се секој ден изложени на интернетот и социјалните мрежи. Ова претставува плодна почва за врсничко насилство преку интернет односно сајбер-булинг, лажни вести како и видеата и фотографиите за кои се говороше претходно, од вандализам па до малолетничка порнографија. Социјалните мрежи носат нова димензија на веќе постоечките проблеми.
Таков и е случајот со групата Јавна Соба каде што се разменувале експлицитни фотографии од средношколки и малолетнички. Испраќањето на таканаречените голи слики (анг. nudes) не е уникатна појава за нашата држава, туку е глобална. Најчесто, изгледа вака: момчето кое е во врска со девојка, континуирано изнудува такви фотографии од својата девојка, таа подлегнува под притисокот и ги испраќа сликите на своето момче преку приватни пораки, по некое време раскинуваат, за момчето, најпрвин да се заканува, а потоа или веднаш директно да ги објави фотографиите на интернет.
Најверојатно таков е и случајот со групата Јавна Соба, но со масивни размери и последици. Над 7400 членови е значителна бројка. Возрасни лица можеби биле членови на групата. Затоа е од круцијална важност, затоа е приоритет адекватно да се информираат девојчињата за заканите кои се присутни од ваквите слики. Затоа на момчињата треба да се едуцираат дека вакви фотографии не треба да бараат од своите девојки, под никој случај присилно. Затоа треба да се воведе сексуално образование во македонските училишта.
Женска солидарност
Делот што најмногу ме згрози од целиот скандал со Јавна Соба е тоа што има други девојки кои ги напаѓаа девојките чии фотографии биле објавени во групата. Имено, популарната страница за тинејџери на Инстаграм, Сакето, објави пост за случувањата околу Јавна Соба. Коментарот под постот гласи: „Се открија курвите многу лесно.” Тоа што ме вџаши и ужасна е фактот дека мои врснички кои се идентификуваат како феминистки и следат платформи за женски права на социјалните мрежи го имаа „лајкнато“ постот, на тој начин јавно давајќи му поддршка.
Ова е загрижувачки. Не е време да се напаѓаат жените помеѓу себе. Не е време за навреди и вулгарности. Ова е време за покажување единство, меѓу сите луѓе во заштита на жртвите и барање правда во опшетството. За конечно да се решат проблемите кои требаше да бидат решени многу одамна. Затоа ни треба сексуално образование.