„Северна Македонија во фокусот“ со 6 филма на 30. Фестивал на европскиот филм на Палиќ во Суботица

Сподели

 

Во рамките на јубилејниот 30. Фестивал на европскиот филм на Палиќ, кој ќе се одржи од 15 до 21 јули во Палиќ и во Суботица, ќе бидат претставени селекциите „Северна Македонија во фокусот“ и „Новиот унгарски филм“.

Како што информира дописникот на МИА од Белград, во селекцијата „Северна Македонија во фокусот“ ќе бидат прикажани шест филма: „Чисто човечки“ на Игор Иванов, „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска, „Исцелител“ на Ѓорѓе Ставрески, „Мими“ на Даријан Пејовски, „Снежана на крајот мора да умре“ од Кристијан Ристески и „Сестри“ од Дина Дума. Филмовите ќе се прикажуваат во временскиот перод од 16 до 21 јули, а програмата се реализира во соработка со Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Фестивалот има цел да ги претстави најквалитетните достигнувања на современата европска кинематографија и да ја негува традицијата на авторскиот и на уметничкиот филм со цел да придонесе за културниот живот на целиот регион. На годинашното издание на Фестивалот се очекуваат над 150 филмски професионалци од земјава и од странство.