Северот на Косово сè уште е блокиран

Сподели

 

Aдминистративните премини Брњак и Јариње, на северот на Косово сè уште се затворени, а и барикадите на локалните патишта каде живее мнозинство српско население не се тргнати. Според информациите на Мета.мк, за сега не се знае уште колку време ќе траат блокадите.

Високиот советник на Стејт департментот на САД, Дерек Шолет и американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денес во Приштина ќе се сретнат со косовските лидери.

Доцна попладне се очекува да имаат средби со високи владини претставници, а во вторник претпладне ќе се сретнат со лидерите на опозицијата. Нивната посета доаѓа во време кога ситуацијата на северот на Косово е напната откако косовската полиција го приведе поранешниот полицаец Дејан Пантиќ за организирање на терористички напад врз канцелариите на Централната изборна комисија на северот од земјата, кога беа нападнати службеници на ЦИК и припадници на полицијата. Тогаш министерот за внатрешни работи Џелал Свечла соопшти дека Пантиќ е обвинет за терористички акти и напад против уставниот поредок

Како знак на незадоволство, локалните Срби во саботата подигнаа барикади и блокираа неколку патишта на северот од земјата.

Нападите се случија додека ЦИК се подготвуваше за локални избори во северните општини: Лепосавиќ, Звечан, Северна Митровица и Зубин Поток.

Изборите беа распишани откако градоначалниците и другите српски претставници ги напуштија функциите на почетокот на ноември, протестирајќи против одлуката на Владата на Косово да не дозволи циркулирање на автомобили со регистарски таблички издадени од Србија.

Српските претставници, поддржани од официјален Белград, исто така се спротивставија на изборите, кои првично беа закажани за 18 декември. Косовската претседателка Вјоса Османи поради тензичната ситуација, изборите ги одложи за април следната година.

Косовските власти ги обвинија „српските криминални банди, предводени од Белград“ за неколку инциденти со огнено оружје и шок-бомби што се случија на север во изминатите денови. Српските власти рекоа дека косовските лидери се обидуваат да ги „избркаат“ Србите од северот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека српските власти ќе упатат барање до мисијата на НАТО на Косово, КФОР, во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, да обезбеди распоредување на припадници на војската и полицијата Срби во територијата на Косово.

Смирување на тензиите и поддршка на дијалогот изрази и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

„Косово ги намали тензиите со одлагање на локалните избори. Најновата реторика од Србија го направи спротивното. Идејата за испраќање српски сили на Косово е целосно неприфатлива, како и неодамнешните напади на Еулекс. Целата моја поддршка оди за дијалогот којшто го води Мирослав Лајчак“, напиша шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на Твитер./Мета.мк