Министерката за одбрана и актуелен потпретседател на СДСМ, Радмила Шекеринска, денеска соопшти дека нема да се кандидира за заменик претседател на СДСМ по Конгресот на партијата во мај.
– Добив прашање од мојата Општинска организација дали сум кандидат, кажав дека не сум, затоа што сметам дека и СДСМ и политичката сцена на Република Северна Македонија, одат напред кога постојано продуцираат нови кадри. Апсолутно, пристапот кон Конгресот треба да ни биде да формулираме и нови политики, а тие да бидат подобри, изјави Шекеринска.
За шпекулациите дали е таа кандидат за амбасадор на земјава во Вашингтон и дали би ја прифатила таа позиција доколку и биде понудена, Шекеринска изјави дека за такво прашање не се дискутира преку медиуми.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека тој и понатаму ќе соработува со Радмила Шекеринска.
– Радмила Шекеринска ја најави оставката и во разговор со мене сподели дека нема намера да се кандидира за заменик претседател за трет мандат. Заедно со Радмила во 2013 година, јас како претседател, а таа како заменик претседател, презедовме да го водиме СДСМ во едно извонредно тешко време. Јас ја почитувам. Покрај сите други и ѓраѓаните, таа е една од најзаслужните за нашето членство во НАТО, за кандидатскиот статус со ЕУ, за добиената одлука за почеток на преговори со ЕУ, и за многу процеси во државата важни за граѓаните. Знам дека ќе продолжиме понатаму да соработуваме, таа е мој другар или другарка без разлика каде ќе се најде во иднина во СДСМ или во општеството. Во општеството сигурно, секако заради целото нејзино искуство и верувам дека на многу заеднички проекти или предизвици ќе соработуваме во периодот кој што претсои, изјави денеска премиерот Зоран Заев.