Со шестиот пакет економски мерки вреден 17,8 милиони евра ќе се поддржат 10.000 компании кои вработуваат околу 60.000 граѓани.
Предвидени се 9,9 милиони евра за финансиска поддршка на околу 6.000 угостители. На сите угостители ќе им бидат покриени 30% од приходите, а овој износ ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени.
Сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 6 април 2021 година.
Според истите критериуми, со 2,5 милиони евра ќе се поддржат околу 1200 ресторани за свадби, компании за организирање настани, игротеки, ноќни клубови, приватни детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија.
Шестиот пакет мерки предвидува поддршка за туристичките агенции со А лиценца, кои ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца ќе добијат до 2.000 евра.
Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцирани туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.