Во новата учебна година новина е бесплатниот превоз за сите ученици во средните училишта на Градот Скопје независно од оддалеченоста на местото на живеење од училиштето во кое учат, соопшти денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
-Досега бесплатен превоз користеле околу 20.000 ученици кои ги живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето во кое учат. Од оваа учебна година бесплатен превоз ќе имаат можност да користат дополнителни над 2.000 ученици односно сите ученици во средните училишта на Град Скопје без исклучок. – нагласи денеска Шилегов.
Дополнителните средства за бесплатниот превоз на ученици се обезбедени директно од Буџетот на Град Скопје за 2018 година како дел од Програмата за активности на градот за средното образование.
Реконструкцијата на фасадата на средното училиште „Орце Николов“ се реализираше преку санирање на бетонските делови, поставување на демит фасада во деловите каде што недостасува и освежување на боите на циглата. При тоа во консултација со проектантот и Асоцијацијата на архитекти на Македонија се водеше сметка фасадата да не трпи визуелни промени заради задржување на постојниот надворешен изглед на училиштето.
Во гимназијата „Орце Николов“ се работеше и на промена на внатрешната и надворешната столарија, реконструкција на подовите, партерно уредување, поставување на бекатон на паркингот на училиштето и поставување на нови 5 рефлектори за надворешното осветлување.
– Зградите на 23-те градски средни училишта спаѓаат во редот на најголемите објекти во градот, а поставувањето енергетски ефикасни фасади во сите нив подразбира огромни заштеди на енергија и значително помали трошоци. Висината на вкупните средства за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари за 19 училишта, кои ќе добијат енергетско ефикасни фасади, санирани покриви, надворешна столарија, подови, електрика и греење. Дел од училиштата започнуваат и со адаптација на тоалети за лицата со посебни потреби. Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата предвидени за проектот „Скопје 2014“. – рече Шилегов.
Во тек се реконструкциите на фасадите на средните училишта „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, „Сарај“, „Панче Караѓозов“ и „Михајло Пупин“.