Шилегов: Со БРТ системот Скопје добива брз и еколошки превоз

Сподели

 

Воведувањето на БРТ системот на брз автобуски превоз во Скопје претставува огромен исчекор во унапредување на јавниот превоз на патници во градот. Системот за брз автобуски превоз е нов тип на јавен градски превоз, со физички издвоена траса за автобусите, со станици од затворен тип, со приоритет на сигнализираните раскрсници, паметни билети, АВЛ и информации за патниците во реално време.

Се работи за систем кој се состои од модерни автобуси со голем капацитет и безбедни коридори по кои ќе се движат, со оптимална брзина. Со воведувањето на БРТ, ќе се подобри услугата и на сегашниот автобуски систем со поголем број автобуси што ќе циркулираат. БРТ системот целосно ќе се интегрира со постојниот автобуски систем. Станиците на автобусите од постојниот автобуски превоз и станиците на БРТ ќе бидат најблиску што може.

Со БРТ системот се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. 

Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, предвидено е да се поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час.

Физичката издвоеност на трасата во 82% од вкупната должина е со зелен појас, што е најквалитетен начин на издвојување; во централниот дел – околу 400 метри е пешачка зона во која се допуштени само возила на БРТ.

Наплатата, односно валидацијата на билетите предвидено е да се врши на самата станица што ќе овозможи што е можно пократко задржување на возилата на брзиот автобуски систем на станиците заради влез и излез на патниците.

Согласно најновите истражувања од областа околу 200 градови во светот го имплементираат БРТ транспортот. Според меѓународната методологија за рангирање на брзите автобуски системи скопскиот БРТ систем е бодиран како сребрен стандард – меѓу највисоките светски стандарди. Во Европа таков систем има уште во Руен, Франција и во предградие на Париз.