Женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска по неколкугодишна пауза им се врати на настапите во поединечна конкуренција, откако минативе неколку години настапуваше само на екипните првенства. Иако конкуренцијата беше сочинета, главно, од помладите, Коскоска во 9 партии освои 8 бода, односно 7 победи и во два наврата ремизираше и триумфираше пред Леа Ефтовска и пред Моника Жежовска, кои завршија со половина, односно со цел поен помалку.
– Задоволна сум од постигнувањето! Во согласност со ждрепката, најголемиот дел од партиите со конкурентките за висок пласман ги играв со црни фигури, односно бели имав само во дуелот со Леа Ефтовска. Имаше момент во една партија кога се соочив со закана да бидам поразена, меѓутоа успеав да ја наметнам својата игра. Турнирот, иако со мал број учеснички, генерално, беше многу борбен, со голем број одлучени партии – изјави Коскоска.
Интернационалниот мајстор Тони Лазов долги години важеше за перспективен шахист, кој потекнува од јуниорскиот погон на клубот. Со голема поддршка од неговиот тренер, велемајсторот Трајко Недев, успеа да се етаблира и трофеите од јуниорските првенства да ги замени со титули освоени во сениорска конкуренција како дел од екипата на ШК Алкалоид. Минатата година имаше одличен резултат, 6 победи од 6 партии на Македонското екипно првенство, а со резултат од 6 поени од 7 кола на Европското екипно првенство ја освои првата норма за велемајсторски бал! По одиграни 9 кола тој беше единствениот играч со 7,5 поени, додека, пак, зад него се најдоа ИМ Никола Николовски и Антон Златков со по 7 бода.
– Турнирот го започнав со три победи, па го продолжив со три нерешени меча, а на крајот стигнав до уште три победи во дуелите со директните конкуренти. Воопшто не беше лесно, иако многумина од повозрасните колеги одлучија да не настапат. Одлучуваше последната партија и задоволен сум од конечниот исход, но цврсто верувам дека е ова резултат на долгогодишното изучување и тренирање на шаховската игра, како и на поддршката од клубот – вели Лазов.
Младиот шахист од Неготино во последните две кола оствари значајни победи. Најпрвин над тимскиот колега интернационалниот мајстор Филип Панчевски, кој важеше за фаворит на турнирот, а потоа и над Антон Златков, кого во подобра завршница успеа да го принуди на пораз.
Фото: Архива на ШК Алкалоид