Шкариќ: Уставот ќе биде прекршен доколку Собранието не се распушти на 12-ти октомври

Сподели

Уставот ќе биде прекршен доколку пратениците не се распуштат на 12-ти октомври. Највисокиот правен акт дава рок од 60 дена, и тоа не може да се менува со закон, дури и кога се работи за предвремени избори, потсетува професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, пренесува Телма.

skaric-620x330

Токму од роковите за изборни дејствија, партиите извлекуваат заклучок дека Собранието може да се распушти во рок покус од 60 дена, односно 45 до 60 дена пред денот на изборите. Математиката почнува од 11-ти декември наназад. Овој термин за избори, назначен во Пржино, веќе е фиксиран со изборот на Влада за организирање избори, ад-хок тело за медиуми и одговорен уредник во МТВ 100 дена претходно. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов посочува на Изборниот законик: при предвремени избори, сите изборни дејствија, освен изборната кампања, се скратуваат по пет дена. Со збир на скусените рокови за доставување листи на кандидати, за објавување на Избирачкиот список, за увид во него, за формирање изборни тела и друго, се добива можност Собранието да се распушти до 27-ми октомври. Се согласуваат и другите партии. На 12-ти и 13-ти октомври веќе се закажани нови собраниски седници со повеќе точки, меѓу кои, и буџетот за 2017-та, од што е видливо дека пратениците немаат намера да се самораспуштат овие денови, а Трајко Вељаноски може да закаже седница за распуштање дури откако ќе добие таква предлог одлука од пратениците. Професорот Шкариќ потсетува дека претходно, тој треба да ги распише предвремените избори.

 Партиите не се впуштаат во коментари за правните недоумици. Но, до крајот на оваа недела ќе се знае дали се уште важи договорот за 11-ти декември и што се Собранието треба да сработи пред да се распушти.