Далечниот остров Палмира во северниот Пацифик е откриен од Едмунд Фанинг во 1798 година, и е полн со мистерии. Таму се случувале – исчезнувања, невидливи убиства и паранормални гусарења. Луѓе и бродови исчезнувале без трага. Сега островот е празен. Според митологијата, островот долг период бил воден од чесни водачи и секогаш животот наликувал на рај. Но, кога еднаш луѓето се заситиле од чесни, па подржувале еден алчен водач, мајката на островот Палмира фрли тешка клетва и островот останал пуст.
И нам скоро 30 години не има фатено некоја опасна клетва. Никако да ни тргне. Луѓето масовно бегаат од тука, затоа што секој знае дека ако не побегне – клетвата ќе го фати. Тука стана чест да си споменик, а несреќа да си човек. Стана срамота да си праведен, а чест да си криминлец. Оти со години поддржувавме мистериозни паранормални суштества создадени од некоја фрлена клетва. Поради тоа што сме верувале дека спасот ни е во нечесноста. И тој Тито што толку го пцуеме за 30 години, 12 пати го покачи стандардот и не доведе скоро рамно до Германија. Добрите познавачи велат дека криминалната приватизација по осамостојувањето ќе не чини еден век страдање, оти таа создаде силна криминална структура од која е многу тешко да се ослободиме.
Минатата власт нѐ закопа со глорификација на лажното минато, со општ грабеж, со газење на достоинството, а сегашната не знаела како да нѐ извлече. На надворешен план направи спектакуларни резултати, а на внатрешен план валоризирани празнини. Помина 30 години, а не се гледа ниту јасна развојна визија ниту корисна ориентација, а тоа видно ја ослабнува кондицијата за мирна пловидба. А цело време пловиме со просечен екипаж кој има само натпросечни желби.
Добри примери
Чиле, беше најсиромашна држава во Јужна Америка, но генерал Аугусто Пиночет (со мека диктатура), ја доведе во ранг на „20 најразвиени држави на светот“. Сличен економски бум имаат направено и едни африкански држави кои до вчера биле племенски. Гана од 69 отсто невработеност за 25 години успешен развој, невработеноста ја сведе во симболични 5%, а стандардот се покачи цели 14 пати. Нејзиниот рамномерен развој во сите 216 општини е пример, не само за Африка туку и за целиот свет.
Боцвана е јужноафиканска држава со територија над 70 отсто пустина (Калахари). Пред 35 години била најнеразвиена земја на планетава со само 69 долари БДП по глава на жител, а сега стаса до фантастични 14.400 долари БДП по глава на жител. Кога го праале боцванскиот лидер Серетс Љан Хама, која е тајната на успехот, тој одговорил – „Тајната е воопшто да нема тајни, туку врвни професионалци и огромна дисциплина“. Економски бум ги следи и некогашните многу бедни држави – Намибија, Ангола, Танзанија, Мозамбик, дури и Етиопија каде што пред десетина години масовно се умирале од глад, а сега е рангирана меѓуте 13 држави со најбрз развој на светот. Така што сега таа „Црна Африка“ не е веќе толку црна. Таа станува светска гордост. Минатата година, дури седум од десет најбрзи економии на светот биле држави од тој континент. Тие се на пат да ги надминат и „Азиските тигри“ (Кина, Индија, Јужна Кореа, Малезија и Вијетнам).
Израел – стакленик на Европа
Израел територијално е помала од Македонија, со површина од околу 21.000 км2, а над осум милиона жители кои живеат со шест пати повисок стандард од нашиот. Иако државата веќе 70 години е во континуирана војна, таа со години забелажува силен економски раст. Има само 30% од територијата обработливо земјиште, но докажа дека кога се сака и пустината се претворува во плодно земјиште. Тие можат само да го сонуваат нашето земјиште. Ама таа пустина секој ден ја претворуваат во прекрасни модерни плантажи. Вода има многу слабо, па затоа мора да ја десалинизираат морската вода која потоа ја носат во огромни базени. Првин ги користат за рибници, па потоа за наводнување по плантажи, најмногу по системот „капка по капка“. Производството е тесна поврзана со науката и технолошките софистицирани методи за енормно зголемување на приносот и квалитетот. Израел, зимно време ја снабдува целата Европа со продукти и заслужено го носи епитетот – „Стакленик на Европа“. Саул Сингер, авторот на книгата “The Story of Israel’s Economic Miracle“ (Приказната за економското чудо на Израел), вели – само врвен колективен ум и знаење, може да го постигне тоа.
А каде сме ние ?!
Па ние се расправаме за Венецијанската комисија, за мизерниот патриотизам, за смешниот идеализам, за историјата и минатото. Но, не и за сегашноста и иднината. Во Европа веќе имаме возови кои возат 350 км на час, а кај нас околу 50 и тоа со дефекти. Сакаме Европска Унија, а не заслужуваме ниту Африканска унија! Триесет години имаме влада, парламент, служби полни со аналфабети, неписмено образование и хронично болно здравство. А цело време расправаме за Боки, Фики, Кики, Мики… Ги заборавивме украдените милијарди, а се расправаме за ситни милиони монтирани токму од тие што ја ограбија државата. Но, тоа е кога имаме функционери кои не заслужуваат да бидат ниту чувари во тие институции. Имаме заробен ум, заробени партии и заробена иднина. Маргиналци стана господари на својата среќа и на нашата несреќа. Станавме општество каде што едни едвај преживуваат со свои десет прсти, а други уживаат до небо со своите два прсти. Ако не се преземе нешто радикално од нас самите, во догледна иднина тука мнозинско население ќе бидат кинезите, пакистанците, африканците, кои ќе почнат да пишуваат некоја нова овдешна историја.
Што велат врвните светски експерти?
Врвни светски познавачи на развојот, мислат дека нашата државата можела да направи развоен бум само ако со јавно-приватно партнерство се фокусираше на три области: 1) модерно земјоделство и сточарство, 2) модерни бањски туристички капацитети, попратени со рекреативни центри, ски центри итн, 3)рурален туризам (планински). Сето тоа попратена со силна реклама, организирани ефтини транспорти, чартер летови итн. Со тоа и профитот ќе останеше дома за разлика од странските инвестиции каде што профитот заминува надвор. Но, за тоа е потребна сериозна развојна стратегија, компетентни институти, бројни агро експерти, континуирани совети. А не импровизатори, кои сами по себе се конфликт на интереси. Треба компетентна власт и одговорна опозиција, а не катастрофи. Oти од фрлања дрвја и камења не се гради куќа.
Ние мора да се запрашаме што впрочем се случи со нас. Особено кога не надминаа и соседни држави кои биле 30 години зад нас (Бугарија, Романија, Албанија). Многу понапред отиде Црна Гора која стана држава во 2006 година, и Косово во 2008 година! Ние сме заробени сами од себе веќе. Вака не само што се губи логиката од имањето власт, тука тоа станува и многу штетно. И нема да станеме Палмира оти клетвата ќе ја расипат афро-азијците. Затоа како партиски изборни платформи треба да бараме конкретен јасен и ефикасен развој, а не лажна историја и глупа митологија.