Шут политика – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Еднаш дворскиот шут на семоќниот Калиф Харун Ал-Рашид седнал на престолот на Калифот. Го виделе стражарите и скоро да го распарчат: – „А кој ти дозволи тебе будало да седнеш тука“? „Па, да знаете, од денес јас сум калифот на Абасида“ – одговорил шутот.

Следел јак ќотек, па врескањето го слушнал и самиот Ал-Рашид. „Зошто го тепате сиротиот дворски шут?!“ – ги прашал стражарите. „Па знаете, честити Калифе, овој вели дека од денес тој самиот е Калиф“. „А како не сте знаеле дека на дворскиот шут сѐ му е дозволено“!? – ги укорил Рашид стражарите и ги истерал. Но, дворскиот шут за чудо продолжил уште погласно да вреска и плаче! „А што ти е пак сега?“ – му вели Рашид. „Знаете, честити Калифе, замислете колку ќотек јас добив само поради една лага од ова место! А сѐ си мислам, колку ќотек допрва вие ќе добиете што толку лаги сте искажале од тоа место!?“

Насекаде во светот има дворски шутови, ама кај нас скоро секој шут си има свој двор. А заедно создале Бел двор. Сиве овие 11 години на ѓаволот му граделе куќа. Додека луѓето го сонувале животот, тие самите воделе живот од соништата. Лажеле, краделе и уривале и сега кога ќе треба да добијат ќотек, со сиот глас викаат дека тоа е политички прогон. На органите ич не им е лесно со такви шутови, оти големите шутови со големи дворови создадоа шут-судови, шут-обвинители, шут-закони, шут-медиуми, шут-правда… Некои од нив се авансирале во „превара“ и продолжуваат да ни ја озаконуваат преварата. Шутови влијаат на тоа дали ќе се гласа или ќе се бојкотира! За тоа дали ќе влеземе во Европската или во Африканска унија! Може да испадне дел од шут-преварите лично да ѝ пресудат на СЈО, наместо таа ним. Тие имаат далечна (про)визија. Знаат од хистерија да направат историја. Како што направија криминалот да стане наше најголемо богатство воздигнувајќи го до ниво на национален идеал. А тој што гони криминал да е политички прогонител! Направија арамиите да не можат слободно да се движат по улиците, оти популарноста не им дозволува! Оттука пораката е – со таквиот криминал ни било ептен добро и истото треба да го вратиме. И да не помислиме на враќањето на украденото. Така некако пишувало во амандманите на опозицијата качени на магаре. Бараат бомбите да се исфрлат оти им истекол рокот. А секоја елементарна правда има потреба и за микрон индиции, зашто вистината не познава рок дури и кога тој е застарен. Сакаат да ни солат памет со негово ептен зашеќерување.

Бојкотираме?!

Пак некој би бојкотирал! Бојкотираа референдуми, бојкотираа устав, бојкотираа закони, НАТО и ЕУ, оти самите се бојкотирани од разумот. Чудно што кај нас и за најглупава и најштетна идеја, секогаш ќе се најдат бројни овци што веруваат дека скокањето во кањон е исто како летање над облаци. Овци кои можете да ги молзете и стрижете, а ич да не ги храните. Кои мислат дека давењето е спас! Изгледа долгогодишната шут-профитерска политика ги има клонирано луѓето за да веруваат дека големото зло е секогаш најголемото добро. Шут-профитери политичари создадоа опасна свест – подобро без живот отколку без власт! Па затоа, сега борбата за власт е налик на гладијаторската борба меѓу животот и смртта. Оттука и логиката – штом не сме власт, сѐ нека се претвори во пепел. Па затоа целата држава ни гори. Чудно е што секогаш кога ДПМНЕ не е на власт целата држава мора да гори! Потоа, на ред доаѓаат бојкотите! Со нив полесно се доаѓа до амнестија. Сега бараат целосна амнестија за целосно да нѐ докрајчат, односно целосно да ги иселат тие што резистираат да се покорат на шутрачко владеење. Со бојкот се сака да се создаде хаос за полесно да се издејствуваат предвремени парламентарни избори, оти ним Европа не им е од полза, зашто заедно со луѓето и самите би завршувале како азиланти. И тогаш нивното летање се претвора во нивно потонување.

Во секоја елементарно нормална држава, опозицијата е таа која бара силни механизми за правда и за расчистување со криминалот, а само кај нас таа води крвава битка тоа да не се случи. Таа треба да бара специјални судови и обвинителства, ама за жал, таа силно ги негира и постојните. Таа треба да укаже на забрзувањето на реформите, на промените, на интеграциите, а не да смисли секакви стапици против нив! Опозицијата треба да притиска за скринингот, за преговарачката рамка, за користењето на фондовите, за развојни проекти, и да докаже дека ја заслужува власта. Наместо тоа, таа продолжува со здодевната песна неразбирлива за нормално уво. Продолжува да го напаѓа Преспанскиот договор како најголемо зло, иако центрите на моќ добро знаат дека тој ни е историски спас. Редовно одат на консултации кај азилантот, кој малку фалеше сите да нѐ претвори во азиланти. Лидерот на опозицијата кажа дека ќе нема бојкот во вториот круг ако „изборите бидат кристално чисти“! Ама не кажа по чие мерило! Дали тоа ќе биде ОБСЕ/ОДИХР, Брисел или пак неговиот централен комитет, остана нејасно! Или можеби мислел на рендгенска кристалографија – техника која се користи за одредување на атомската и молекуларната структура на дадениот глас. Лошо е кога политичар нема идеал и храброст, а има само цел – власт по секоја цена. Тоа води кон широки пеколни врати.

Лилипутанска мегаломанија

Кај нас слабо e чувството дека тоа што е општо е и мое. Па затоа расипнички се однесуваме кон општото. Ете, за тој струшки градоначалник било навредливо да се вози со „Фиќо“, па затоа морала општината да плати 70 илјади евра! Тоа е веќе проблем на медицината. Или, пак, тој од МЕПСО со мебел од телешка кожа од над 200 илјади евра, оти ќе седнеле странци кои во нивните држави тоа го немаат. Па затоа со право нѐ сметат за телиња. Ниту „В“ не научивме од Ванхауте кој се возеше со велосипед, додека на нашиве политичари по тројца ошишани ќе им отворија вратите од луксузни лимузини! Добро велеше скромниот Дрновшек – ако не ги гасиш светлата на јавните простории што некој ги заборавил – не си дел од здраво општество.

Кандидати

Едниот кандидат за претседател е докрај нереален. Се кандидирал, иако добро знае дека со неговата залудна кандидатура може да му направи сериозна штета на НАТО и ЕУ процесот. За ситно-лично нешто ризикува општо-крупно сешто! Исто така не ни треба уште еден претседател кој ќе биде докрај принципиелен во непринципиелноста. Тука мора да прашаме, дали тој истиот во иднина, поради тоа што е алергичен на новото име на државата, ќе ги одбие сите негови лични документи – патните, статусните, дипломите на своите деца итн.?! Или пак ќе замижи за себе, а врз грбот на два милиони луѓе ќе глуми достоинство.

Иако реално има незадоволство оти сѐ уште нема некои посебни видливи резултати во економскиот развој, но процесот мора да продолжи, оти алтернативата е рамно на тивкото колективно изумирање. Власта треба сериозно да размисли на кадровски смени посебно на тие од сферата на економијата. Ние веќе направивме кобна грешка во 2006 година кога поради лажни патриоти (а и внатрешни каприци внатре во СДСМ), пропуштивме шанса за членство во ЕУ која требаше да се случи во 2010 година. Уште една таква грешка не може да се преживее. И Британците наивно поверуваа во носталгичното империјално минато, и ја доведоа состојбата до катастрофа. Загубија тешки милијарди од иселувањето на големите бизниси. И сега сакаат да се вратат понижени, но тоа не е толку лесно. Главниот „патриот“ на Брегзит Нејџел Фараж уште продолжува да ужива во европските пари, а тој вицкастиот Борис Џонсон исчезнал од срам. И сега целата нација трпи шеги на Макрон дека Англичаните му наликуваат на неговата мачка која цело време мјаукала за да ѝ ја отвори вратата, а потоа не сака да излезе!

civilmedia.mk