Италија ја зафатија поројни дождови и силни ветришта што причинија голема материјална штета, а има и човечки жртви.
Вчера беше соопштено дека е поплавена повеќе од една половина од историскиот центар на Венеција, откако брановите достигнаа висина од 156 сантиметри, денеска беше соопштено дека пет лица загинале во инциденти предизвикани од налетите на силен ветер.
Две млади лица загинале недалеку од Рим, кога дрво паднало врз автомобилот со кој патувале. Во сличен инцидент, едно лице загина во град Терачина, на сто километри југоисточно од Рим.
Четвртата жртва на невремето е 21-годишен човек во Неапол, врз кој паднало дрво додека одел по улица.
Жена загинала во Савона во регионот Лигурија, кога била погодена од предмет носен од силниот ветар.
Италијански медиуми јавија за десетици дрвја искорнати од корен насекаде низ Рим, поради што многу паркови се затворени. Некои медиуми известуваат дека има и шеста жртва на невремето.
Во училиштата беше прекината наставата, а локалните власти ги повикаа граѓаните да не ги напуштаат своите домови ако немаат голема потреба.
Во поголемиот дел од Италија во сила беше предупредувањето за поројни дождови и силни ветрови. Службите за цивилна заштита се постојано на терен.
https://youtu.be/1dq-mHjgkZA