Силно светнал ден! – Вилдан Дрпљанин

Сподели

 

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

Вилдан Дрпљанин

„Граѓаните можат уште некој месец да истрпат без пари…“ – оваа изјава целосно ја отсликува илузијата што ја имаат народните претставници за потребите и можностите на работниците. Обидот да се оправда блокадата на Собранието за законите што се однесуваат на пакетите коишто ги опфаќаат и платите на работниците покажува дека македонските пратеници живеат во паралелни светови во однос на работниците, кои секој месец врзуваат крај со крај и живеат од плата до плата. Ваквата ситуација доведе до тоа најмалку 17.000 работници да не можат да ги земат заработените плати за последните три месеци. Дозволувањето ова да трае повеќе од месец и половина откако е дадена изјавата, посочува кон тоа дека ние како работници немаме свои застапници во законодавниот дом и дека затоа нема да биде слушнат нашиот глас.

Впрочем, како и во „Копачите“, се чини дека секое светнување на новиот ден носи нови потешкотии за работниците. Вложениот труд не се вреднува соодветно од страна на системот, што секојдневно ја покажува потребата од итни и коренити промени. Покрај тоа што пандемијата покажа дека кога работниците не можат да ја извршуваат својата работа, се уништуваат или се доведуваат на работ на пропаст цели индустрии, односот кон прашањата поврзани со трудот и егзистенцијата на работниците остана непроменет. Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

Silno svetnal den 1Дизајн: Агнес Сарачини

Се к’ти ноќта црна!

Последиците од справувањето со коронавирусот ужасно тешко ги погодија работниците ширум светот. Македонските работнички и работници, што ја дочекаа здравствената, економската и социјалната криза како едни од најсиромашните во Европа, се соочија со дополнителни понижувањасекојдневни прекршувања на основните работнички права и борба за „гола“ егзистенција. Податоците што велат дека само во Хелсиншкиот комитет во периодот од 1 мај 2020 до 31 март 2021 се евидентирани 415 случаи на прекршувања на работничките права кои се однесуваат на најмалку 2.387 работници доволно кажуваат за масовноста на непочитувањето на основните прописи од трудовата област. Сето ова води кон впечатокот дека мерките за справување со последиците од пандемијата не ги рефлектираа потребите на работниците и не овозможија соодветна заштита на работничките права.

Напротив, податоците за прекршувањата на донесените мерки во приватниот сектор, отпуштањата од работа, намалувањето и/или неисплаќањето на платите на работниците, покажуваат дека работодавачите повторно профитираа на грбот на работниците. Правното советување и/или информирање како најзастапено во однос на прекршувањата на правата на текстилните работнички, покажува дека оваа категорија на работнички продолжува да биде најзагрозена и дека состојбата е најлоша во Штип, Неготино, Кочани и Пробиштип. Со оглед на тоа што жените се доминантно застапени со над 80 отсто во работната сила во текстилните фабрики, што е убедливо најслабо платена индустрија и текстилните работнички често добиваат плата која не е многу повисока од минималната, јасно е дека работничките први ги чувствуваат последиците на секој системски пропуст и дека последиците од справувањето со пандемијата имаат родова димензија.

Злоупотребите на трудовата легислатива и незаконските исплаќања на помала плата поради неправилно повикување на институтот „принуден одмор“, резултираа со тоа некои од текстилните работнички да примаат плата во износ од околу 7.500 денари. Всушност, во моментов над 6.000 текстилни работнички се на принуден одмор поради тоа што работодавачите ја чекаат државната финансиска помош за субвенционирање на платите. Голем дел од текстилните работнички сè уште немаат земено плата за февруари, март и април и покрај тоа што основните трошоци за исхрана и преживување секојдневно се зголемуваат, а плаќањето на сметките за струја и за вода не се одложува, ниту пак ги чека платите на работничките.

Во слична состојба и особено незаштитени и загрозени се најдоа и работниците во првата борбена линија против вирусот, здравствените работници, вработените во супермаркетите и задолжените за одржување хигиена, кои не добија соодветна награда за херојските подвизи ниту сразмерно зголемување на платите соодветно на ризикот на работното место.

Состојбата е дополнително отежната за цели групи на луѓе, како што се на пример прекарните работници-хонорарците, фриленсерите и студентите, како и работниците со договори за вработување на определено време. Првите останаа надвор од претпоставената заштита која на останатите работници им ја нуди ЗРО, додека втората група работници е во постојана неизвесност во врска со нивниот статус како вработени. Кога на сето тоа ќе се додаде податокот дека во периодот од март 2020 до март 2021, бројот на невработени лица се зголемил за најмалку 37.595 лица, како и тоа што општата состојба во државата не наговестува брзо смирување на кризата, станува јасно дека претходната година беше катастрофална за работничките права од секој можен аспект. 

И зората се зори –

Синдикатите, како посакуван прв заштитен механизам, неспремно ги дочекаа последиците предизвикани од пандемијата и не успеаја да понудат механизми кои би гарантирале заштита или зголемена свест за работничките права во овој критичен период. Во голема мерка, поделбите помеѓу синдикатите по различни основи продолжија и тие денес не уживаат доверба и не влеваат голема доза на надеж помеѓу работниците. Во таа линија, работничките и работниците кои не се задоволни од работата на синдикатите поради тоа што ги сметаат за неефикасни, корумпирани и/или кооптирани со газдите и партиите, очекуваат и се надеваат да видат промени и размрдување на синдикалната сцена.

Silno svetnal den 2Извор: servisea.mk

Токму заради тоа, а имајќи предвид дека функционалното синдикално организирање е важен предуслов за долгорочна гаранција за заштита на работничките права, од особена важност е поставеноста на синдикалното организирање во Македонија. Значително поместување во таа насока треба да понуди решението што ќе предвиди правен субјективитет за секој синдикат, без разлика дали станува збор за синдикат на ниво на работодавач, струков, гранков или општ синдикат.

Сегашното решение предвидува правен субјективитет само за синдикатот на повисоко ниво и ја доведува во прашање основната форма на организирање на работниците затоа што не ја гарантира автономијата и независноста на другите синдикати. Ова значи дека синдикатите се практично условени да се здружуваат за да се стекнат со својство на правно лице преку повисокиот облик на синдикат или пак, тие мораат да се приклучуваат кон веќе постоечки синдикати на повисоко ниво за да можат непречено да ја извршуваат својата основна функција.

Следствено на тоа, синдикатите од понизок степен не можат да располагаат со сопствена трансакциска сметка и печат и да настапуваат во правниот промет за остварување на судска заштита, од причини што синдикатот во ситуација на немање правен субјективитет е спречен директно како правно лице да поднесе тужба до надлежниот суд. Ваквата поставеност на синдикалното здружување содржи сериозни ризици од монополизирање на организирањето и ги оддалечува работниците од нивните матични синдикати. Оттука, законското решение во пракса резултира со невидливост на синдикатите без правен субјективитет и со многубројни проблеми за синдикатите на повисоко ниво во поглед на консултирање и ангажирање на членството. Промената во овој сегмент нема да ги реши сите проблеми со кои се соочуваат синдикатите, но со сигурност ќе ги придвижи работите во однос на синдикалното организирање и ќе внесе нова надеж за заштита и унапредување на работничките права.

„Вечно“ новиот Закон за работни односи

Од друга страна, долгонајавуваниот нов ЗРО кој се обидува да ги надмине проблемите што станаа особено видливи за време на кризата, влегува во својата четврта година на изготвување и покрај тоа што тогаш новоизбраната влада вети нов закон најдоцна за шест месеци од нејзиниот избор. Сегашниот ЗРО, како системски закон кој ја поставува општата рамка за сите прашања поврзани со работната сила, има претрпено вкупно 25 измени и дополнувања и 13 касаторни одлуки на Уставниот суд. Тоа директно укажува на лесната прилагодливост на овој закон на потребите на владејачката структура и резултира со многу двосмислени и нејасни одредби кои ја зголемуваат несигурноста на заштитата на работниците.

Предлог-законот во сегашната форма нуди значително поголема доза на јасност и надминување на дел од долгогодишните проблеми, но сѐ уште не успева да понуди сеопфатна заштита за работниците. Еден таков пример е самата дефиниција за кој сѐ се смета за работник, којашто останува фактички неточна и како за работници ги смета само оние што имаат склучено писмен договор за вработување. Со ова се маргинализираат многу работнички и работници кои работат без или со поинаква форма на договор, устен, договор за дело и слично.

За жал, состојбата изгледа безнадежна во однос на безбедноста и здравјето при работа, имајќи предвид дека претходната година најмалку 25 наши сограѓани загинаа на работните места, не сметајќи ги сите работници кои починаа како последица на COVID-19. Изворите на проблемот лежат во отсуството на усогласени податоци за вистинската состојба во поглед на водењето евиденции за заштитата при работа, префрлањето на одговорноста во однос на тоа каде лежат слабостите и постоењето практични проблеми со кои се соочуваат работниците во ризик. Практичните проблеми се пресликуваат во многубројните примери каде при повреда на работно место, работодавачите преку притисоци или преку вонредни исплати ги обесхрабруваат работниците да ги пријават повредите.

Да биде честит денот…

Првенствено, работниците мора да се одважат да ги пријавуваат секојдневните повреди со кои се соочуваат. Работата на Државниот инспекторат за труд во повеќе наврати во текот на изминатата година даде позитивни сигнали и институцијата покажа дека знае и може да ја пружи потребната прва заштита на работничките права.

Понатаму, во случаите кога ни завршува работниот однос, мораме да се избориме секому да е испочитувана уставната гаранција за материјална обезбеденост за време на привремена невработеност со измени и дополнувања на ЗВОСН што поскоро. Притоа, периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на конкретниот работник. Такво законско решение ќе значи остварување на уставно загарантираното право на секој работник без разлика на причината за отказ и ќе ги обезбеди невработените лица за периодот додека бараат нова работа и во регуларни времиња, а особено во периоди на криза.

Во поглед на безбедноста и здравјето при работа и ЗБЗР, итно е потребно усвојување на подзаконски акти кои точно ќе ги дефинираат податоците за евидентирање, неопходни за поконкретни истраги, донесување заклучоци и предлагање соодветни мерки. Со тоа ќе се направи првиот чекор за воведување и лоцирање одговорност на сите учесници во процесот, од лицата кои ги пополнуваат потребните документи, до оние кои вршат нивна обработка. Работниците, како последни во оваа хиерархиска пирамида на моќ, се најслабата алка во надзорниот процес затоа што слабата информираност, немоќната позиција и стравот и послушноста пред работодавачот го оневозможуваат пријавувањето недоследности. Токму затоа, овој процес мора да се води заедно со сите засегнати страни.

Конечно, шокантната разлика во однос на класната раслоеност во Македонија, што вели дека од вкупно 100 денари, приближно 80 денари одат за околу 900 луѓе, а само 20 денари остануваат за приближно 899.100 луѓе треба постојано да не потсеќа дека речиси сите македонски работници се релативно сиромашни, додека мал број на луѓе, поточно околу 900, се многу, многу богати. Затоа треба конечно да ги научиме лекциите од повеќедеценискиот процес на понижување на работниците и целосното газење по нашето достоинство во период на постојана експлозија на политички криминал и економски злоупотреби и да се организираме.

Да се организираме и да ја надминеме синдикалната и работничката разединетост во најбрз можен рок, за да ги решиме своите разлики и да си овозможиме соодветно претставување и застапување. Сè додека нашите барања за Први мај се расцепкани на повеќе посебни протестни маршови, како што беше случај изминативе години, само ја влошуваме нашата преговарачка позиција, а работничкото организирање останува формалност на сметка на суштинските потреби и проблеми. Досегашните борби за права и слободи ни покажуваат колку е важно да се организираме на секое ниво и отворено да застанеме зад нашиот примарен идентитет – работничкиот, по кој доаѓаат сите други. Економската независност, работничките права, солидарноста, надминувањето на неплатениот труд и крајот на експлоатацијата се основните постулати за која било битка да може да биде успешна.

Нашите неотуѓиви човекови права, чувства, животни приказни и достоинства често започнуваат и завршуваат на работното место каде шефовите кројат посебни закони, определуваат годишен одмор од најмногу 10 дена и принудуваат работници да потпишуваат бланко спогодби. Крајно време е сите да застанеме во одбрана на работничките права и на долг рок да ги обезбедиме барањата стари речиси век ипол – достоинствен живот за сите, регулирање на работното време и прекувремената работа и социјална и здравствена сигурност. Да почнеме уште од денес, со тоа што веднаш ќе побараме мораториум за откази и намалување на платите и задолжителен паричен надоместок за сите работници кои останале без работа за време на пандемијата.

respublica.edu.mk