Системот е продолжена рака на насилството, насилниците се извлекуваат со условни казни

Сподели

 

Од година в година се зголемуваат пријавите за случаи на семејно насилство. Жените жртви најчесто се оставени сами во борбата, бидејќи се жалат дека системот не им ја дава потребната заштита.
Дел, немајќи друг избор, се вратиле кај насилникот, дел дочекале судска пресуда, а неколку од нив „ја зеле правдата во свои раце”, па сега тие се во затвор.
Казните за насилните мажи најчесто се условни, што ретко ги спречува повторно да кренат рака.

Автори: Валентина Вурмо и Анета Ристеска – Лице в лице

„Кога го пријавив насилниот сопруг, наместо помош, со насмевка добив повратен одговор дека семејното насилство е проблем што треба да се реши дома, со мажот“.

Ваков одговор добила жена откако собрала храброст да го пријави партнерот, чиј ќотек го трпела со години. Таа е една од жртвите на семејно насилство, која за „Лице в лице“ го  споделува своето горко искуство. И останатите испитанички на прашалникот „Системски (не)одговор на семејното насилство“ – немаат пофални зборови за институциите, кои треба да ги заштитат. Велат дека наместо нивен соборник, системот делува како соучесник на насилството.

Речиси половина насилството најпрво го пријавуваат во полиција. Од 27 жени кои решија да го споделат своето искуство на нашиот прашалник, високи 44 отсто одговориле и дека насоките што ги добиле од институциите по пријавувањето се нејасни и збунувачки, а најголем процент, над 56, се жалат на работата на Центарот за социјална работа. На второ место, по забелешки за професионалност во дејствувањето, е полицијата со 30 отсто.

 

Потсмев место помош

Молк од другата страна са СОС линијата. Потсмев и бесчувствителност за сензитивноста на проблемот од страна на институциите. Полициски службеници кои го штитат насилникот.
Двојна виктимизација. Задоцнета институционална реакција. Закана дека ако уште еднаш пријави насилство, ќе добие казна.
Ова се само дел од бариерите, со кои се соочуваат жените што ќе одлучат да го пријават семејното насилство.
„Од МВР само го повикаа на разговор, и јас иако бев повредена, со наоди од повеќе специјалисти, сепак, насилникот не го отстранија од домот, ниту, пак, му ставија забрана за приближување, иако жртва беше и нашето дете. Од ЦСР, надележен за случајот рече ‘Ништо страшно, па секој родител понекогаш го тепа детето’“.

Искуство на жените жртви недвосмислено укажува на нефункционалноста на системот да се справи со насилството. Тромоста, и несоодветна реакција на пријавите, ја оставаат жената сама во борбата. Ваквата ситуација, според нив, делува многу демотивирачки.

„Чекајќи премногу долго институциите да го решат проблемот, често случаите завршуваат и со убиство, а некои пак и со самоубиство на жртвата, образложува една од соговорничките.
Анализата покажува дека жртвите јасно повикуваат на поемпатичен однос и комуникација со нив, во моментот кога пријавуваат, но, и потоа, да не ја виктимизираат дополнително со предрасуди и со осуди, охрабрувајќи ја да се врати кај насилникот.
Одлуката да се пријави е тешка, некогаш едвај се собира храброст. Затоа, многу е важно како ЦСР ќе ја сослуша жртвата, и веднаш да иницира помош. Неопходно е да се вклучат сите институции, и постапките кои се водат против насилникот да бидат итни, а не да се влечкаат со месеци, години“, велат жените кои се соочиле со семејно насилство.

Целиот текст можете да го прочитате на следниот линк