СЈО отвори две нови истражни постапки – „Тарифа“ и „Тенк“

Сподели

Специјалното јавно обвинителство, постапувајќи во предмети оформени по службена должност по повод јавно објавени разговори, отвори две нови истражни постапки под работни наслови „Тарифа“ и „Тенк“.

Со наредбата за спроведување на истражната постапка во случајот „Тарифа“ опфатени се седум лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од КЗ, соопштуваат од СЈО.

Во конкретниот случај постои основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапка по јавна набавка на софвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ, при што осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра, велат од СЈО.

Воедно, постои основано сомнение дека дел од осомничените лица неосновано одобриле исплати на парични средства на име лиценци за одржување на софтверот, спротивно на посебните услови од Договорот на јавна набавка, каде е предвидено дека плаќањето на име лиценци за одржување на софтверот ќе се изврши во гарантен и постгарантен период, а кој период никогаш не започнал да тече, бидејќи системот не бил имплементиран, со што причиниле штета во износ од 456.560 евра, додаваат од СЈО.

Исто така постои основано сомнение дека едно правно лице од конзорциумот иако бил овластен субјект за набавка и имплементација на модулот за менаџмент на документација, сепак била извршена набавка на ваквиот модул преку други правни лица со посебен договор, и покрај тоа што овој модул бил предвиден во Понудата на конзорциумот и за него не била потребна посебна набавка. Воедно, постои основано сомнение дека по набавката на модулот за менаџмент на документација едно од осомничените лица издало сертификат за оперативно прифаќање на модулот, што е услов за одобрување на плаќања по основ имплементација на модулот, иако постојат писмени докази дека модулот не е ставен во функција, па врз основа на ваквиот сертификат дел од осомничените лица одобриле исплати во износ од 16.800 евра, стои во соопштението од СЈО.

Она што во конкретниот случај е од суштинско значење е дека од доказите произлегува дека набавениот систем во значителен дел не е имплементиран, иако до сега вкупно се исплатени околу 3.700.000 евра, а согласно Договорот за јавна набавка, системот требало да се имплементира до 11.02.2013 година, додаваат од СЈО.

Со наредбата за спроведување на истражната постапка во случајот „Тенк“ опфатени се две лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од КЗ, за дејствија случени во периодот од февруари 2012 година до крајот на октомври 2012 година.

Во конкретниот случај постои основано сомнение дека со цел да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип на патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење на јавни набавки, незаконски да повласти – фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип.

Воедно постои основано сомнение дека во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството, било постапено спротивно на член 36 од Законот за јавните набавки и во тендерската документација имало повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки со цел фаворизирање на определен економски оператор, без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените во тендерската документација, потенцираат од СЈО.

Постои основано сомнение дека второосомничениот во постапка по јавни набавки иако бил свесен за незаконското привилегирање на определен економски оператор, сепак донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор за јавна набавка на возило на износ од 29.852.542 денари и ДДВ во износ од 5.373.458 денари или околу 572.7800 евра, заклучуваат од СЈО.