Случајот „Триста“ ќе го суди Лидија Петровска

Сподели

Судијката Лидија Петровска е назначена да го води случајот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

Петровска, која веќе суди два предмети по обвиненија на СЈО, случајот „Триста“, како што информираат од Кривичниот суд, го добила преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети (АКМИС), а почетокот на судењето го закажала за 15. ноември.

„Обвинителниот акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), означен како „Триста“, кој беше одобрен од Советот за оценка на обвинителен акт и врз основа на кој е оформен предмет со КОК бр. 40/17, согласно АКМИС, по електронски пат е распореден за понатамошно постапување кај судијата Лидија Петровска од одделот за гонење организиран криминал и корупција, која главната расправа ја закажа за 15 ноември 2017 година, во 10.30 часот, за кога се испратени покани за странките во постапката“, стои во соопштението од судот.
Во случајот „Триста“, обвинет е помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, кој се товари дека со набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра, бидејќи тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на компании кои не дале најевтина понуда.

Петровска, преку АКМИС-системот, претходно ги доби случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, кој е во бегство, и случајот „Транспортер“, каде градоначалникот на Битола, Владимир Талески, и уште 21 лице се обвинети за злоупотреби поврзани со превозот на ученици во градот.

Инаку, Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што во текот на 2015 година ги објави СДСМ. Во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за тогашната претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.