Со новиот Предлог-Закон администрацијата во петок ќе работи само 4 часа

Сподели

 

Новиот предлог-закон за административните службеници предвидува вработените во администрацијата секој петок да работат со скратено работно време. Во предлогот се наведува: „Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено“.

Предлог законот на 17 септември е поставен на Единствениот национален електронски регистар за прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР), а целта поради кој се носи нов закон, според Министерството, се практични проблеми во имплементацијата на актуелниот.

„Постојниот Закон за административни службеници воведе доста новини во однос на регулирањето на статусот и постапката за вработување на административните службеници. Законот воспостави нови стандарди во однос на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. Но по 5 годишна примена на законот на површина излегоа голем број на практични проблеми во имплементацијата, чие надминување е неопходно за доследно да се примени законот и да се постигне целта поради која е донесен. Министерството за информатичко општество и администрација имаше интенција да подготви измени и дополнувања на законот врз основа на практични забелешки од оние кои го применуваат законот, но со оглед на фактот дека од анализите и добиените забелешки произлезе дека треба да се менуваат повеќе од 1/3 од постојните членови се пристапи кон подготовка на целосно нов закон, во кој основата е веќе постојниот Закон за административни службеници“, стои во описот на Предлог законот

За законот да стапи на сила треба да добие одобрување и од Владата и од Собранието на Северна Македонија.