Со попуст од 50% за секоја влезница културата да биде подостапна за младите

Сподели

 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во својот кабинет се сретна со претставници на Универзитетското студенско собрание при што беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Универзитетското студентско собрание  при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Со Меморанудум е уреден студентски попуст од 50 проценти на влезниците за сите студенти кои што имаат индекс со заверен семестар за влез и следење на програмите на националните установи од областа на културата“,  рече министерката за култура во изјавата за медиумите.

Костадиновска-Стојчевска информираше дека со овој Меморандум се опфатени сите национални установи во Република Северна Македонија. Таа потенцираше дека Меморандомот нуди повеќе придобивки за студентите и додаде:„Студентите ќе имаат еднаква можност за достапност на културната сцена, ќе се зголеми нивно присуство во културните установи, ќе имаат можност да ги посетат сите културни настани во Република Северна Македонија кои што ги организираат сите национални установи во државата, ќе помогнеме за олеснување на нивниот стандард, нешто од што беше потегната и оваа иницијатива“.  

Министерката за култура потенцираше дека студентите, односно младите се во фокусот од почетокот на нејзиниот мандат.  Министерката потсети дека и во Законот за култура кој е во подготовка, се предвидуваат работни места, категории со нула работно искуство, односно со таа регулатива ќе им се овозможи на младите веднаш да имаат условиза вработување во  националните установи. „Заради големиот дефицит на стручни кадри, пратениците во Собранието поднесоа и Закон за измена на Законот за игрите на среќа со што ќе ги стипендираме дефицитарни кадри. Со тоа студентите кои би биле стипендирани преку оваа програма, веднаш ќе можат да бидат вработени во некоја од националните установи од областа на културата“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура изрази благодарност до студентите за иницијативата и порача дека таа како министерка и целата Влада остануваат посветено да работат на подобрување на студентскиот стандард и на програмите кои обезбедуваат подобра иднина и оставрување на правата и потребите на младите луѓе.

Претседателот на Универзитетското собрание Александар Николовски поздравувајќи ја професионалноста на министерката за култура  и соработката со Министерството, истакна дека потпишувањето на Меморандумот е потврда  на нивните заложби за поддршка на студентите во државата, и дека оваа соработка придонесува за подобрување на студентскиот стандард, за поттикнување на критичкото размислување и унапредување на културната, историската и уметничката свест кај младите.